Што е најприоритено, на денешниот Светски ден на здравјето, истакнуваат и лекари и претставници на пациенти
Здравствената ковид-криза изминатите две години предизвикана од ковид-19 откри многу слабости во здравствениот систем и ја акцентираше потребата од негово зајакнување. Подобро и пофункционално здравство им е потребно и на пациентите и на лекарите. Што е најприоритено, на денешниот Светски ден на здравјето, истакнуваат и лекари и претставници на пациенти.
Ковидот придонесе надлежните, но и целата јавност да станат свесни за важноста за надминување на предизвиците кои се појавуваат во овој сектор и за потребата од обезбедување на доволен број на високостручен медицински кадар и соодветни услови за работа.
Претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова вели дека овој ден го ставаат во функција на тоа да истакнат што е потребно за унапредување на состојбите.
– Здравствениот систем не може да биде стабилен и одржлив доколку во него не ги задржиме младите лекари. За да се постигне тоа неопходно е да бидат мотивирани со подобрување на условите за вработување и работење, како и унапредување на знаењата и создавање на можности за развивање на научната дејност. Законот за докторска дејност, исто така е неопходно да стане дел од позитивните правни прописи, поради тоа што со него може да се направи баланс меѓу правата и обврските кои ги носи современиот начин на живот и начин на работа-истакнува д-р Гривчева-Старделова.
Итна обнова на позитивната листа на лекови
Д-р Мирјана Бабамова од Здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели – ХЕМА вели дека главни проблеми во јавното здравство се лоша организација и менаџирање на примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита, здравствените власти и институции (Министерство за здравство, Фонд за здравствено осигурување, Агенција за лекови и медицински средства и други), немање пристап до превентивни дијагностички методи и редовни скрининг прегледи и нефункционалност на националните програми за превентивна здравствена заштита. Некои од програмите се објавени на веб-странизаца на министерството, но во пракса не се спроведуваат и не функционираат.
– Ургентно обновување на позитивната листа на лекови која не е обновена последниве 15 години. Пациентите со хематолишки малигни заболувања имаат проблем со пристап до есенцијална терапија, а современите терапии кои се користат дури и во нашите соседни земји се сеуште мисловна именка. Иако, МЗ склучува договори со здравствените центри за набавка на одредени терапии,тоа не е трајно решение и честопати се случува поради административно-технички проблеми да снема терапија за пациентите. А доколку лекот е на позитивна листа, тогаш пациентот може да си го набави лекот со свои средства, а потоа ФЗОМ да ги рефундира средствата. Потребни се и итни измени во Законот за јавни набавки во делот на набавка на лекови (на пример не може на ист принцип да се врши јавна набавка на тоалетна хартија за одредена установа и на лек за одреден тип на леукемија). Децентрализација на дневните амбуланти и болничките оддели во јавното здравство каде се третираат пациентите со карциноми (на пример терапија за хематолошки малигни заболувања се ординира само и исклучиво во Скопје,иако постојат клинички болници во Битола,Штип и Тетово). Одлив на медицински кадри – посочува д-р Бабамова.
Еднаква родителска грижа за децата што се лекуваат на клиника
Марија Тасев, претседателка на организацијата САНО, која им помага на децата со малигни заболувања и нивните родители вели дека една од најгорливите точки во здравството е токму комуникацијата меѓу пациентите и докторскиот кадар.
– Граѓаните и пацинетите не се добро информирани за протоколите и за начинот како треба да се однесуваат и лекуваат во болница, а сето тоа создава недоверба во медицинскиот кадар, но и обратно. Треба да постои поголем ред и дициплина во јавното здравство, тука хигиената ја посочувам како предизвик на кој треба да работи повеќе-посочува таа.
Сепак, во делот каде таа делува, односно во помошта на децата со малигни заболувања и нивните родители, Тасев смета дека треба да бидат подостапни терапиите, особено за лицата со ретки болести, потребна е добра и точна и соодветно дозирана за децата кои се борат со малигнитети.
– Прво што треба да биде овозможено е еднакви права на двајцата родители кои имаат болни деца и кои престојуваат на Детската клиника. На татковците треба да им биде позволено да престојуваат со своите деца додека тие се кулуваат на клиниката. Сега тоа не е возможно. Па, така децата престојуваат со нивните мајки, баби, тетки. Кога станува збор за родител, одговорноста е иста – заклучува таа.
Многу е важна соработката на здравствените институции и со невладиниот сектор, кој опфаќа здруженија на граѓани кои имаат значителна улога во процесот на лоцирање на проблемите, чие отстранување е клучно за поефективен здравствен систем.
Денес, министерот за здравство Беким Сали се осврна на работењето на Министерството за здравство во насока на подобрување на здравствената грижа во земјата, истакнувајќи дека во континуитет обезбедуваат нова медицинска опрема за повеќе јавни здравствени установи.
– Имајќе предвид дека веднаш по стапувањето на функцијата се соочив со предизвикот ковид-19, една од моите одлуки беше надградување на Комисијата за заразни болести, со цел да овозможиме вклучување на поголем број на стручни лица од различни специјалности, а во исто време и поголема транспарентност во работењето – посочи Сали.
Министерот порача дека вакцинацијата е најдобрата превентивна мерка за справување со вирусот и во таа насока иницирале широка кампања со смс-пораки, како и караван за вакцинација против ковид-19 во повеќе локални заедници низ државата, за полесен пристап до имунизација.
– Паралелно вложуваме и во зајакнување на дијагностиката. На Институтот за радиологија деновиве се инсталирани четири нови апарати за компијутерска томографија и за магнетна резонанца. Во соработка со Светска банка, со оваа инвестиција овозможуваме полесен пристап на пациентите до потребните дијагностички услуги, а со тоа и побрза детекција и третман на заболувањето. Особено ако станува збор за малигни заболувања, раната детекција е клучна – истакна Сали.