Нам во земјава како да ни е полесно да ги решиме работите по принципот помини-замини и да го истуркаме денот без да вложиме дополнителна енергија. Разрешување на состојби со булинг бараат енергија и одбрани зборови, вели Стефановска
И најмалите промени во однесувањето можат да бидат показател дека нешто сериозно се случува со дете. Родителите мора будно да ги следат промените кај децата затоа што многу често и најмалите можат да укажат дека се случува нешто многу сериозно. Како да препознаете дека детето е жртва на булинг, дека има некој траума или, пак, депресија и кои се чекорите што треба да ги преземете?
Кои деца се жртви на булинг, со кои знаци покажуваат?
– Децата што се најчесто жртва на врсничко насилство се деца што имаат слаб психички имунитет, кои се склони да покажуваат изолираност од средината со послаби социјални вештини, тивки, срамежливи, покорни и плашливи. Првите знаци дека се жртви, ќе ги покажат во домот со промени во однесувањето како ниска самодоверба и нерасположение, раздразливост, плачливист, осамување. Некои од симптомите преку кои можат да се идентификуваат децата се несоница, ноќни кошмари, ќе одбиваат да јадат, да одат на места каде што дотогаш оделе, може ќе им се намали училишниот успех, ќе се обидат да отсуствуваат од часовите, ќе доцнат на часови, ќе ја избегнуваат средината во која го изгубиле чувството на безбедност. Застапени се и психосоматизации како болка во стомак, главоболка, а доколку било застапено физичко насилство ќе имаат и модринки, рани или искината облека или предмети – објаснува Христина Стефановска, психолог за деца и млади и авторка на детска литература.
Според неа интровертите, и покрај насоченоста и свртеноста кон себе, се прилагодуваат на средината, па кога детето ќе покаже апсолутна изолираност од светот, со тоа дава голем знак дека нешто не е во ред. Родителот во таква ситуација мора итно да реагира.
Агресија или преголемо повлекување
– Родителот треба да ја гради независноста, самостојноста на детето, да го поттикнува на донесување одлуки, да има поддржувачки глас во воспитувањето, бидејќи тогаш детето ќе побара помош, ќе посака да се справи со проблемите. Но ако детето е растено со критички однос, со премногу очекувања, барања и ограничувања, ако дојде до насилство многу е веројатно дека тоа родителот тешко ќе може да го види и ќе го окарактеризира како „драматизира“, „манипулира“, „не е тепан“, „таков си е од секогаш“, „чуден“ итн. Родителите мора да препознаат однесување некарактеристично за своето дете, начинот на кој комуницира со средината, секое однесување кое отстапува од она на кое детето научило да функционира, без разлика дали е преголемо повлекување или преголема агресија. Што и да видиме некарактеристично е знак. Тогаш најдобро е родителот да се обиде да допре до детето. Но доколку почувствува бариера треба да повика стручно лице. Во психолошката поддршка треба да учествува и родителот, а потоа треба да се инволвираат и училишните кадри. Треба да се извести училиштето и да се работи системски. Ако се работи само на релација родител-психолог-дете, не би бил ефикасен приодот бидејќи детето повторно ќе треба да се врати во таа или слична на неа средина. Мора да се вклучат и учлишните кадри, мора да се работи системски – вели Стефановска.
Доверба во возрасните
Децата – жртви на насилство можат да се препознаат и на училиште, а тоа може да го сторат училишните кадри, вели психологот.
– Однесувањето може да се препознае и во училница, независно дали тоа ќе биде од наставникот, класниот раководител, педагогогот, психологот. Детето ќе седи во поназадни клупи, ќе оди само на одмори, ќе седи само во училницата, ќе одбива да јаде на одморите, лесно ќе се збунува и ќе губи материјали и училишни предмети, ќе се забележи ниска концентрација, празен поглед, безволност и невклученост во училиштни активности – вели Стефановска.
Потреба од поддршка
Приодот до детето – жртва на булинг треба да биде поддржувачки, да почувствува дека може да се обрати кај возрасните.
– Проблемот е кога детето ја губи довербата во возрасните, кога тие не прават ништо, односно не препознаваат. И тоа создава ѕид меѓу детето и возрасните. Во зависност од персоналната природа на детето, проблемот може да се манифеститра и дома со насилство ( врз брат, сестра или врз родителите). Чувството што детето го имало во училница го пресликува дома – вели Стефановска.
Да не се решаваат проблемите по принципот помини-замини
Според неа, многу често и на наставниот кадар му е потребна дополнителна обука за да може да справи со проблем на булинг.
– На наставниот кадар му е потребна обука за да може да го препознае проблемот. Но некогаш лоцирам и неволност да се работи на тоа, затоа што тоа подразбира менаџирање на сите човекови интеракции. Наставникот треба да одвои од своето време, да биде спретен во комуникацијата со секаков профил на родители и на деца. Некогаш и од страна на наставникот постои страв да не се отворат нови теми и нови проблеми. Нам во земјава како да ни е полесно да ги решиме работите по принципот помини-замини и да го истуркаме денот без да вложиме дополнителна енергија, а разрешување на ваквите состојби бараат енергија и одбрани зборови – заклучува Стефановска.