Фото: Игор Бансколиев

СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПОПУЛАЦИЈАТА КАКО ПОВОД

Кои се мерките и решенијата што домашните институции и државата можат да ги понудат за да се спречи тој тренд на иселување и да се задржат македонските граѓани во својата матична држава Македонија? Што да понудиме како држава? Кои мерки ќе ги стимулираат младите да останат во државата и да не емигрираат? Како да се зголеми стандардот? Како да се победи „белата чума“? Овие се само дел од низата прашања што надојдоа на Светскиот ден на популацијата

СВЕТСКА КОНТРОЛНА ТАБЛА НА НАСЕЛЕНИЕТО

Светскиот ден на популацијата, 11 јули (востановен и признаен и од ОН), вчера беше одбележан со низа настани низ целиот свет, при што се нагласи значењето на населението како двигател на развојот и носечки столб на секое општество. Во Македонија немаше никакво одбележување. Веројатно затоа што земјава со години се соочува со обратен процес, таканаречен феномен на депопулација, односно намалување и иселување на населението, а со самото тоа и слабеење на државата во секој поглед.

Во глобални рамки, одбележувањето на Светскиот ден на популацијата има цел да се подигне свеста за прашањата на населението и нивното влијание врз различните аспекти на човечкиот живот и развој. Тема на годинашното одбележување на ОН на Светскиот ден на популација беше: Ослободување на моќта на родовата еднаквост: подигање на правата на жените и девојките.

– Нашето човечко семејство е поголемо од кога било. Сепак, лидерите тажно заостануваат во напорите да се изгради мирен и просперитетен свет за сите. На половина пат до крајниот рок, 2030 година, целите за одржлив развој се опасно надвор од колосек. Светскиот ден на населението оваа година се фокусира на ослободување на моќта на родовата еднаквост. Инвестирањето во жените ги подига сите луѓе, заедници и земји. Да застанеме со жените и девојките што се борат за своите права. И да ја интензивираме нашата потрага да ги направиме целите за одржлив развој реалност за сите осум милијарди од нас – гласи пораката што ја упати генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, по повод Светскиот ден на популацијата.

Инаку, меѓународните организации што се занимаваат со прашањата на населението објавија и контролна табла на светската популација на која се прикажани податоци за глобалната популација, стапки на фертилитет, миграции, бројки на запишани ученици, информации за сексуалното и репродуктивното здравје на населението и многу други податоци. Популацијата, или растот на населението, може да се дефинира како зголемување на бројот на луѓе во дадена област. Постојат три главни фактори што влијаат на растот на населението, и тоа се стапката на наталитет или природен прираст на населението, очекуваниот животен век и нивото на имиграција. Во однос на тоа каков и колкав потенцијал популацијата носи за државата има различни гледишта и дефиниции.

Највпечатливи се сепак економските согледувања, според кои, растот на населението и економскиот раст на државата се тесно поврзани еден со друг. Наједноставно кажано, поголема популација значи поголема работна сила, што е потенцијал за поголема продуктивност, што резултира со поголем БДП по жител, што на крајот значи и зголемување на вкупниот економски раст на државата.
Спротивно на популација е депопулација или намалување на бројот на населението во одредена област. Токму со еден ваков феномен последните години и декади се соочува и нашата држава.


АЛАРМАНТНИ СОСТОЈБИТЕ НА ДЕПОПУЛАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

Кои се мерките и решенијата што домашните институции и државата можат да ги понудат за да се спречи тој тренд на иселување и да се задржат македонските граѓани во својата матична држава Македонија? Што да понудиме како држава? Кои мерки ќе ги стимулираат младите да останат во државата и да не емигрираат? Како да се зголеми стандардот? Како да се победи „белата чума“? Овие се само дел од низата прашања што како лавина се појавија на Светскиот ден на популацијата.
Доколку се анализираат статистичките податоци во нашата земја, кои се однесуваат на сите параметри што влијаат на популацијата, а тука спаѓаат природниот прираст на населението, стапката на морталитет, белата чума, како и нивото на миграции, може да се забележи дека во сите овие области Македонија бележи негативни трендови, што е разочарувачки за иднината на државата.

Така, на пример, стапката на природен прираст во 2022 година била – 2,4 на 1.000 жители, што е четврта година по ред како бележиме негативен прираст на населението. Никогаш претходно такво нешто не се случило, да имаме негативни стапки на прираст на населението.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека последните десетина години, со исклучок на 2020 како пандемиска година, значително е зголемено и нивото на миграции на населението, што севкупно влијае во Македонија да има се понагласена депопулација.

Дончо Герасимовски, демографски аналитичар и поранешен директор на Државниот завод за статистика, вели дека последните две декади иселувањето е познато како појава во нашата земја и тоа претежно се однесува на младо и квалификувано население.

– Особено е карактеристично тоа масовно иселување на лица што се работоспособни, кои се експерти и стручњаци од одредени области, кои заминуваат и во најголем дел потешко се враќаат назад. Односно остануваа подолго и основаат свои семејства и поколенија таму.

Карактеристични региони што се зафатени со процесот на депопулација во Македонија се источниот, вардарскиот, пелагонискиот, југоисточниот, па и југозападниот регион. Во сите овие региони има појава на депопулација веќе подолг временски период – вели Герасимовски.

Тој вели дека токму за ваквите неповолни состојби поврзани со демографијата веќе една декада постојано говори, пишува и укажува на потребата од преземање одредени мерки.

– Постојано се вели дека нешто се прави, но годините изминуваат, појавите се присутни, а има недоволно активности за сето тоа да се надмине – нагласува Герасимовски.

На алармантните состојби во однос на депопулацијата на населението во Македонија укажува и извештајот „Човечки капитал, миграција и како да ја обликуваме иднината заедно“.

– „Ситуацијата е повеќе од загрижувачка“. Бројот на мигранти од Македонија во ЕУ во последната деценија се зголемил за пет пати. Една четвртина од работоспособното население заминува од земјата, што влијае на продуктивноста, но и на здравствениот и на пензискиот систем – се вели во извештајот.

Во документот стои и дека од 2011 до 2019 година се иселиле над 700 илјади македонски граѓани, или речиси секој четврти заминал од државата.


НЕКОИ РАЗМИСЛУВАЊА И ПРЕДЛОГ-МЕРКИ И МОЖНИ ИЗЛЕЗНИ РЕШЕНИЈА ОД ТРЕНДОТ НА ДЕПОПУЛАЦИЈА

Причините за депопулацијата и масовното иселување од Македонија се добро познати. Меѓу клучните причини, добиени како одговор на низа анкети со нашите потенцијални „иселеници“ се: подобар животен стандард во странство, подобро образование, поголеми плати, поголеми можност за напредување во кариерата, мерит-систем и немање партиско влијание… Во контекст на таквите одговори се поставува прашањето „кои се мерките и решенијата што домашните институции и државата можат да ги понудат за да се спречи тој тренд на иселување и да се задржат граѓани во матичната држава?“ Што да понудиме како држава и кои мерки ќе ги стимулираат младите да останат во државата?

Експертите и аналитичарите се согласни дека веројатно прв и наједноставен чекор е целосна департизација на државата, што ќе значи отворени и еднакви можности за сите за вработување и напредок во кариерата. Знаењето, способноста и конкурентноста да бидат единствен критериум при нечие вработување, а не како досега партиската книшка.

– Токму преголемата политизација и партизација, на сѐ во државата, доведе до апатија и разочараност кај граѓаните во функционалноста на системот. Сѐ додека тоа не се смени нема да сопре и иселувањето од земјата – тврдат аналитичарите.
Има голем број примери од кои се гледа дека државата досега не водеше никаква грижа ниту за најталентираните студенти што самата ги стипендирала. Има навистина многу примери кога по враќањето во сопствената држава тие не можат да најдат соодветна работа, односно институцијата што ги стипендирала воопшто не е заинтересирана за нивно работно ангажирање и вработување, по што разочарани тие си заминуваат, велат соговорниците.

Во минатото имаше и редица погрешни политики за стимулација на природниот прираст. Се мислеше дека мерката државни субвенции за трето дете ќе даде некакви резултати, но и тука од почеток се направија поделба и дискриминација.
Така, децата родени пред донесување на мерката, беа од почеток дискриминирани и не беа вклучени во истата таа, демек како погрешно родени, односно пред донесување на мерката, а не како надеж и иднина на државата, како што треба да биде. Со тоа во најмала рака се направи дискриминација, што е понижувачки за една држава, која треба да ги штити првата на сите еднакво. Во иднина се потребни сеопфатни анализи, мерки, како и формирање посебни тела во рамките на постојните министерства, кои одговорно и аналитички ќе се занимаваат со демографските прашања. И, секако, ќе креираат политики во интерес на граѓаните и на државата. Зошто држава што не се грижи за својата младина и своите граѓани не може да има иднина. Ниту иднина за нацијата, ниту иднина за државата каква што ја познаваме. Територијата (можеби) ќе остане, ама во ваква ситуација, популусот и неговиот идентитет, многу тешко.