Од денеска се воведува целосна забрана за движење во шумите и истата ќе важи од 06 до 20 часот и ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален – соопшти попладнево Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Оттаму велат дека по барање на „Национални шуми“ е дадена согласност за целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште согласно членот 57, став 3 од Законот за шумите поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.
– Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува ЈП „Национални шуми“, и истата започнува од 15.07.2024 година и ќе трае се до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 06:00 до 20:00 часот. Целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“, за подрачјето со кое управуваат – велат од ресорното Министерство.
За непочитување на забраната, на физички лица кои ќе бидат затекнати ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.