На граничниот премин со Србија „Табановце-Прешево“ денеска ќе биде пуштен во употреба системот Уан стоп (One Stop) за заедничка интегрирана контрола.
На официјалниот старт на One Stop системот ќе присуствуваат министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.
Воведувањето на овој систем, како што изјави неодамна министерот Тошковски, ќе овозможи многу побрз проток на граѓани на „Табановце-Прешево“, кој моментално е најфреквентниот граничен премин во државава.
Новиот начин на контрола треба да го олесни метежот на границите, особено во летниот период на зголемени патувања.
One Stop системот веќе е воспоставен со Косово на премините Блаце и Јажинце, во тек се разговори и со Албанија за воведување на два гранични премина, додека со Бугарија и Грција, како членки на ЕУ и на Шенген-зоната, ќе има само организациски подобрувања.