фото: Влада

Бројката на хоспитализирани лица кои изгореа во пожарот во дискотеката во Кочани надминува 160 – 170 заедно со 16-те примени во приватните болници. Во најкус рок, за 24 часа, сите се згрижени и кон сите е постапено соодветно, а над 70 пациенти се успешно транспортирани надвор од земјава. Со оглед дека се исполнети капацитетите во соседството, од денеска пациенти ќе се испраќаат и во Италија, Холандија и Белгија. Лекарски тимови од Чешка и Израел им помагаат на нашите лекари, додека тим од Британија денеска ќе пристигне во земјава за да помогне во подготвување на следната фаза – рехабилитација на повредените, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски кој ја посети ГОБ „8 Септември“ заедно со премиерот Христијан Мицкоски.

Според Клековски, сите пациенти се живи и тоа, како што напомена, е голем успех, а критичните се испратени во специјализирани центри во странство.

– Ги уверувам членовите на семејствата дека сите пациенти, до последен, се мобилизирани и се прават максимални напори за нивно лекување. Нема ниту еден критичен пациент да не е згрижен во институција за изгореници, а Владата овозможи родителите да бидат со нивните деца – потенцира Клековски, додавајќи дека ова не е битка од 72 часа, туку ќе трае со недели и месеци.

Директорот на Фондот подвлече и дека податоци за пациентите нема да се соопштуваат лично.

– Медиумите да не очекуваат информации за тоа кој пациент во каква состојба е, странските болници инсистираат комуникацијата да биде преку Министерството за здравство – рече Клековски.

Директорот на ГОБ „8 Септември“ Синиша Стојаноски информира дека засега нема критични пациенти, сите се во стабилна состојба. Повеќето имаат изгореници од втор и трет степен, најмногу на главата и дланките. Други повреди се од вдишување врел воздух и издувни гасови, како и трауматски набиеници и скршеници.

– Болницата максимално ќе се гиржи за сите пациенти и за оние што потенцијално ќе бидат упатени тука, тимот безрезервно се вложува. Протоколите се запазуваат максимално, изгорениците се отворени рани и се внимава да не дојде до потенцијални инфекции на раните – изјави Стојаноски.

Прмеиерот Мицкоски апелира секој што бил во периметарот на ужасниот на стан да се јави на доктор независно дали чувствува проблеми или не.

– Како Влада правиме сѐ што можеме за да спасиме човечки животи – потенцира Мицкоски.