Жителите на бугарската општина Струмјани во близина на идниот граничен премин со Македонија „Клепало“, стравуваат дека неговото отворање најверојатно ќе биде повторно одложено, пренесува Бугарската национална телевизија.
Како што јави дописникот на МИА, жителите на Струмјани инсистираат на јасни и прецизни рокови за отворање на граничниот пункт. Првичните очекувања се дека ќе профункционира во 2023 година. Отворањето на овој пункт општина Струмјани го чекаше со децении. Во 2018 година беа санирани околу 23 километри од патот што води до идниот граничен премин што ја поврзува Бугарија со Северна Македонија. Остануваат да се изградат уште околу седум километри. Жителите на Струмјани се надеваа дека преминот ќе профункционира до 2020 година, но тоа не се случи.
На почетокот на 2022 година е поставен нов рок до 2023 година за отворање на преминот, што ќе ги поврзе Бугарија и Македонија и ќе биде од голема важност за регионот на Струмјани.
Секретарот на општина Струмјани Иван Секулов напоменува дека овој рок нема да се испочитува и оти загриженоста е голема бидејќи за овој граничен пункт се зборува веќе 40 години, а тој освен што ќе ги поврзе Бугарија и Македонија ќе биде важен и за Струмјански регион кој е изложен на депопулација.
Градоначалникот на Струмјани Емил Илиев вели дека во изминатите три месеци заедничка бугарско-македонска комисија работи на отворање на новиот граничен пункт. Илиев потврди дека на една од работните средби биле споменати нови подоцнежни рокови како 2025 година, но можно е тоа да се случи во 2027 година, што е крајно неприфатлив рок за жителите од регионот. Мештаните во Струмјани бараат да се покаже политичка волја и да се преземат конкретни заложби од државните институции за отворање на граничниот пункт и за ревитализација на овој крај.
Според програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Македонија за периодот 2021-2027 година, повеќе од 9 милиони евра се наменети за идниот граничен пункт. На територијата на Македонија одамна е изграден објект за царинска и гранична контрола. Деновиве е рехабилитиран и дел од патот од Берово до границата со Бугарија.