Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски денеска во Охрид на новите капетани и на опслужувачите на бродови им ги врачи сертификатите за управување со пловни објекти, кои се издаваат преку Капетанијата на пристаништата во Охрид и Министерството за транспорт.
– Од 2005 година првпат кај нас се организира полагање испити за пловни објекти. Заеднички со Капетанијата на пристаништата и стручните служби во Секторот за транспорт при Министерството ги направивме потребните законски и подзаконски измени за да ги овозможиме овие полагања. Досега тие се изведуваа во странство, што значеше дополнително оптоварување на лицата што се занимаваат со дејноста – рече Николоски.
Сертификат за управување со пловни објекти и за опслужување пловило добија еден заповедник на брод за управување со брод по меѓународен пат, осум заповедници на брод за управување на државен пловен пат, еден водач на палуба и шест морнари.
– Ќе продолжиме да ги стимулираме сите што сакаат да ја вршат оваа дејност да полагаат, со цел да се регулира пловниот сообраќај во државата и да имаме повисоко ниво на безбедност, а ќе продолжиме и со инвестициите, кои заеднички ги правиме со Капетанијата – рече Николоски.
Тука тој ги посочи спроведените активности за расчистување на пристаништата, набавка на ново пловило за потребите на Капетанијата, а во тек се и нови повици за одржување на пристаништата во Охрид и кај Свети Наум.
Николоски рече дека Владата заедно со Општина Охрид работи на изготвување проект за ново уредување на градскиот кеј, со реконструкција на пристаништето пред хотелот „Палас“ и Градското пристаниште, пренесе МИА.
Како што посочи, последен пат интервенции на градскиот кеј се вршени во 90-тоте години, така што моментно Општина Охрид работи на делот на проектирање на идниот изглед на кејот, а Министерството за транспорт ќе работи на делот на реконструкција на пристаништата.
– Очекувам заеднички да изготвиме проект што ќе значи целосно партерно уредување на кејот, од една страна, и ставање во функција на пристаништето кај хотелот „Палас“ за полесни и помали пловни објекти, од друга, а Градското пристаниште да добие комплетно нов лик – рече Николовски.
Тој истакна дека за плановите за овој проект било разговарано и на средбите што македонската делегација ги имаше со првите луѓе на УНЕСКО, со цел негова реализација. Николовски рече дека има расположение кај преставниците на УНЕСКО за соработка во релизацијата на планираниот проект, сето во насока, од една страна, да се исполнат старндардите и да се задржи и унапареди статусот на УНЕСКО, а истовремено да се добијат модерни пристаништа во согласност со потребите на 21 век, од друга.
– Проектот е во два дела. Пред хотелот „Палас“ би се лоцирале помалите пловни објекти, а на главното пристаниште би се опслужувале поголеми пловила, со изградба на уште еден крак и продолжување на постојното пристаниште. Тоа би добило и нова електрична инсталација за опслужување на бродовоите, современ систем за дотур на горива – рече министерот истакнувајќи дека приоритет е да се реши проблемот со Студенчишкиот Канал, каде штоп ситуацијата е далеку од кој било еколошки стандард.
Николоски рече дека начелно има согласност во УНЕСКО за овој зафат, со најава дека кога ќе биде изготвена проектната документација, таа ќе биде доставена во Париз на разгледување и одобрување.
Според податоците од Капетанијата на пристаништа во Охрид, во бродскиот регистар има 3.450 пловни објекти на ниво на целата држава.
Капетанот на Капетанијата на пристаништа во Охрид, Илија Арнаудоски, истакна дека во насока на подобрување на севкупната безбедност на пловидбата на Охридското Езеро набавен е нов глисер за инспекциската служба на Капетанијата вреден пет милиони денари, а извршен е ископ на пристаништето кај во Свети Наум и кај Градското пристаниште во Охрид.
Тој ја искористи можноста и во пресрет на претстојната главна туристичка сезона ги повика граѓаните навремено да ги регистрираат своите пловни објекти и да се придржуваат кон прописите за мирна и безбедна пловидба.


































