Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања истакна дека очекува годишната ставка на инфлација оваа година да заврши меѓу три и пол и четири проценти, што, според него, е едно од најниските во Европа и во регионот. Истовремено тој изрази очекување дека следната година нивото на инфлација ќе се движи меѓу 2 и 3 проценти.

Од друга страна, премиерот изрази очекување растот на бруто-домашниот производ да биде реален над три и пол проценти, а номинален над седум и пол проценти.

– Мерките се случуваат. Цело ова време се случуваат мерките, и сето тоа во одредени месеци влијае позитивно. Сега очекувам во октомври можеби да се движиме помеѓу четири и четири и половина проценти, вчера кажав, поради ниското ниво минатата година во октомври месец. Тогаш се сеќавате ги аплициравме оние мерки за замрзнување на маржите и слично. Но, потоа очекувам пристојно намалување во ноември и во декември – рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увидот во градежните работи поврзани со проектот Градски воз.

Според него, Владата се стреми да се приближи кон целта до крајот на мандатот да има БДП од 20 милијарди долари.