Скопското Обвинителство спроведе истрага против едно лице за убиство на својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница. На жртвата, како што информираат од Обвинителството, вчера во домот во Шуто Оризари и нанел повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош, од кои таа починала на лице место. Истрага е поведена и против уште едно лице за помагање на сторителот.
– Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. Истрага е поведена и против уште едно лице за кривично дело – Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 од Кривичниот законик – информираат од Јавното обвинителство.
Првиот осомничен, како што велат од Обвинителството, вчера при вршење семејно насилство во домот во Шуто Оризари, ја лишил од живот својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница. Делото го извршил во присуство на 5-годишната ќерка. На жртвата и нанел повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош, од кои таа починала на лице место.
-Веднаш потоа избегал од домот, во што му помогнал вториот осомничен кој му дал друга облека и му овозможил превоз со автомобил до граничниот премин Табановце. Во непосредна близина на границата го оставил и се вратил во Скопје каде се обидел да ги прикрие трагите на своите помагачки дејствија. Осомничениот за убиство продолжил кон границата каде бил запрен и уапсен – се наведува во соопштението.
Од Обвинителството посочуваат дека во текот на денешниот ден, по наредба на јавен обвинител биле преземени повеќе дејствија со кои било пронајдено оружјето со кое е извршено убиството, облеката на сторителот и други материјални докази кои се обидел да ги прикрие и кои ќе бидат предмет на вештачење.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлози за определување мерка притвор и за осомничениот за убиството и за неговиот помагач.