Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

По поднесена кривична пријава, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел наредба за спроведување истражна постапка против шест лица, осомничени за кривично дело – неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори – соопштија од Јавното обвинителство.

Како што се наведува, истрагата се темели на докази обезбедени преку документација од Министерството за внатрешни работи, како и материјали доставени од Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија, добиени по пат на меѓународна правна помош, пренесе МИА.

Според наводите во наредбата, осомничените, заедно со други засега неидентификувани лица, во период од почетокот на 2025 година до крајот на јануари 2026 година се здружиле со цел неовластена набавка, транспорт и продажба на наркотична дрога – кокаин и марихуана. Секој член на групата имал однапред утврдена улога во преземањето, складирањето и пренесувањето на дрогата заради понатамошна продажба.

Двајца од осомничените, против кои се води постапка и во Србија, заедно со првоосомничениот – сопственик на правно лице од Скопје – организирале набавка и повеќекратно транспортирање на марихуана од Република Северна Македонија кон Република Србија, користејќи товарни возила.

Од Обвинителството информираат дека во декември 2025 година, првоосомничениот им дал насоки на вработените да спакуваат сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од правно лице од Струмица. Во период од околу две недели биле спакувани повеќе од 200 кутии, по што на вработените им бил одобрен колективен одмор.

На 13 јануари 2026 година, според обвинителските наводи, била организирана координирана акција за транспорт на дрогата од објект во Скопје до локација во атарот на Свети Николе, каде бил извршен понатамошен претовар. Истовремено, во селото Сарамзалино бил извршен претовар на царинета стока меѓу товарни возила, по што кутиите со канабис биле натоварени и транспортирани кон граничниот премин Табановце.

Наредниот ден, во раните утрински часови, товарното возило се упатило кон селото Коњух, од каде дрогата била пренесена и растоварена во објект на правно лице во Крушевац, обезбеден од лица за кои српското обвинителство води истрага.

Јавниот обвинител оценил дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и повторување на делото, поради што до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување притвор од 30 дена за двајца од осомничените, кои претходно биле во краткотраен притвор.