Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, врз основа на своите законски надлежности, интензивно преземаат дејствија за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, и во тој контекст информираат дека веќе се издадени соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите, како и дека истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија.
– Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање на сторители на кривични дела, презема и други дејствија кои во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста, информираат од Јавното обвинителството.
Од ЈОРМ, исто така, посочуваат дека во континуитет сe издаваат наредби и се обезбедуваат докази кои треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели, нагласувајќи дека во тоа целосно соработуваат и помагаат и раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал.
– Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека сите наводи ќе бидат до крај истражени, а сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети. Целата постапка од првиот момент се води максимално транспарентно и со почитување на сите законски процедури, се вели во соопштението од ЈОРМ.
Од ЈОРМ, посочуваат дека се свесни за чувствителноста на оваа тема за огромен број засегнати граѓани, но апелираат на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице.
– Ширењето на непроверени информации и нарушувањето на пресумпцијата на невиност може сериозно да наштети на постапката и да ги одврати сведоците да соработуваат. Јавното обвинителство ги охрабрува сите оние кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи, информираат од ЈОРМ.
Основното јавно обвинителство Скопје од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка. И последните наводи, посочуваат од ЈОРМ, ќе бидат детално проверени, а за сите резултати од преземените дејствија јавноста ќе биде веднаш известена.