Обвинителката Ленче Ристоска објави дека го добила случајот против Советот на јавни обвинители по нејзината претставка за дискриминација поднесена до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Според одлуката на Комисијата, Советот на обвинители и нејзиниот претседател Антонио Јолевски имаат рок од 30 дена јавно да ѝ се извинат на обвинителката Ристоска за тежок облик на дискриминација кон неа.
– Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја уважи мојата претставка и утврди директна продолжена дискриминација како потежок вид на дискриминација по основ на лично својство и општествен статус извршена од страна на Советот на јавни обвинители. Во време кога е модерно да се декларират заложби за етичко лидерство во институциите и култура на професионален и личен интегритет, како и родова и секој друг вид на рамноправност, декларативноста треба да се замени со практична и јавна подршка на поединците што ги поседуваат овие квалитети и ги водат овие битки – објави Ристовска на нејзиниот Фејсбук профил.
Воведувањето на мерит систем, наспроти практикување на дискрециони овластувања, како што наведува таа во Фејсбук статусот, ќе влијае на зголемување квалитетот на работата и консеквентно на довербата во јавнообвинителскиот систем, бидејќи е едно од најсилните оружја против корупција, клиентелизам и дискриминација.
Ристоска која беше обвинителка во СЈО, поднесе пријава против Советот на јавни обвинители со тврдење дека неправедно и без никаков основ ги игнорирало нејзините апликации за избор во Вишото јавно обвинителство.