Советот на јавни обвинители денеска одлучи пред Уставниот суд да го оспори законското решение со кое се намалуваат коефициентите на платите на обвинителите.
Советот смета дека намалувањето на коефициентите е неуставно и политички мотивирано и дека платите на обвинителите се заштитени со закон.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска изјави дека финансиската независност на правосудните органи, меѓу кои и на јавното обвинителство, е клучна во процесот на унапредување на независноста и самостојноста на јавните обвинители.
– За да се зачува положбата и статусот на јавните обвинители, ние како Совет сметаме дека платата на истите, како и платата на јавните обвинители треба да биде надвор од секакви влијанија – посочи Димитриеска.
При крајот на февруари во Собранието беа изгласани пакетот закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица. Со законите се опфатени 1.060 избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Предлог-измените ги поднесе пратеничката група на СДСМ, а реакции имаше од Здружението на судии, Судскиот совет и Здружението на јавни обвинители.