На сите 34 физички и три правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 62 лица, помеѓу кои шест деца, им се ставаат на товар – тешки дела против општата сигурност. Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката се запира за 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри.
-Денеска до Основниот суд во Кочани поднесен е Обвинителен акт против 34 физички и три правни лица за кривични дела со кои заеднички со учество во дејствие на извршување на кривично дело или со друг особен придонес кон извршување на делото, предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери на место каде што се собрани поголем број луѓе, односно на 16.3.2025 година, при настапот на музичката група ДНК во угостителскиот објект КЛУБ ПУЛС Кочани каде во пожар 62 лица го загубија животот, со тешки телесни повреди се здобија 157, а со телесни повреди уште 54 лица. Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а дел од нив и со директно општоопасно средство и дејствие со кое бил предизвикан пожарот – соопшти републичкиот обвинител Љупчо Коцевски на денешната прес-конференција во ЈОРСМ.
Коцевски информираше дека поради немање докази постапката се запира за 11 лица, еден е починат, а за еден обвинет има прекин поради здравствена состојба.
Истрагата утврдила дека тројца обвинети одговорни лица, сопственици и управители на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги КЛАСИК ДМ ДОО Кочани со подружницата Кабаре ПУЛС Кочани, односно Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ММММ КАФЕ ДООЕЛ Кочани со подружницата на правното лице КЛУБ ПУЛС Кочани, незаконски вршеле угостителска дејност од 2012 до 2025 година, без исполнување на минимално-техничките услови и со реконструкција без дозвола.
-Првообвинетиот во временскиот период во 2012 и 2024 година во повеќе наврати преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција со пренамена на објектот при што неконтролирано без стручен надзор вградувал несоодветни материјали-синтетички, полимерни материјали и полиуретански сунѓер кои носат ризик од лесно започнување и брзо ширење на пожар и други опасности од пожар, па во наведениот објект не биле исполнети минимално-техничките услови ниту основните стандарди и барања за заштита од пожар и за безбедност и заштита од пожар за да во него се врши угостителска дејност. Практично, во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните елементи, бројот и големината на излезите за евакуација, бројот на паркинг места, преградувањата на објектот, но и во однос на предвидување, располагање и употреба на соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати -образложи Коцевски.
Дополни дека обвинетиот сопственик на објектот во кој функционирал клубот со умисла помогнал така што дозволил и учествувал во градежните активности за вршење угостителска дејност, иако знаел дека објектот во негова сопственост нема таква дозволена намена ниту пак како сопственик поднел барање за реконструкција со пренамена.
Обвинет е и братот на првообвинетиот, кој продавал влезници над дозволениот капацитет и дозволувал влез на малолетници, спротивно на законските правила за безбедност и заштита.
Во случајот е обвинета и сопственичка и правно лице од Кочани, преку кои во 2012 година на барање на првообвинетиот, спротивно на член 47 од Законот за градење бил изготвен проект за пренамена на објектот во кој не биле содржани сите фази односно делови и елаборати кои задолжително мора да ги содржи основниот проект.
-Во 2023 година, повторно незаконски, таа му изготвила основен проект, користејќи го како образец претходниот документ при што ја сменила насловната страна како да е документот изготвен во 2023 година, за да може обвинетиот и инвеститорот ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани понатаму незаконито да го користи документот како основа за вршење на угостителска дејност и добивање лиценца-посочи Коцевски.
-Сите овие услови наложувале агенцијата задолжително да изготви План за обезбедување при одржување на јавен ред на настан од забавен карактер со присуство на поголем број на посетители и да ангажира повеќе работници на обезбедување, а таков план не бил изготвен и доставен на одобрување до надлежен орган на подрачјето каде се одржува настанот. На критичниот ден не контролирале и овозможиле влез и присуство на малолетни лица во објектот по полноќ, а исто така не го спречиле внесот и користењето на експлозивни материи- пиротехнички средства од страна на членови на музичката група ДНК со кои бил предизвикан пожарот- потенцираше Коцевски.
Законот за инспекциски надзор, Законот за организација и работа на органите на државната управа, Законот за државен пазарен инспекторат, како и Законот за угостителската дејност, како и Правилникот за минимално – техничките услови за вршење на угостителската дејност, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, но се согласиле со нејзиното настапување. Нивните пропусти поединечно во временскиот период во кој не постапувале инспекторите се детално образложени во обвинението и за секој од нив ќе бидат изнесени соодветни докази- рече Коцевски.
Сите овие дејствија, како што заклучи, и на извршување, и на свесно пропуштање на правна обврска, се нераскинливи и се надоврзувале едно на друго директно кон последицата, и свесното игнорирање на безбедносните процедури од многу поединци и институции придонеле за исклучително тешките последици и неможноста да се спречи трагедијата и на време да се спасат 62 млади животи.
-Секоја од овие алки имала моќ и законски надлежности да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на истата во однос на загубата на животи, но никој тоа не го направил – нагласи Коцевски.
Министерството за економија кај кого беа откриени и дејствија на поткуп, ќе одговара и за едно кривично дело – Примање поткуп од чл. 357 ст.1, едно кривично дело – Примање поткуп од чл.357 ст.4 в.в. со ст.1 и едно кривично дело – Фалсификување службена исправа од чл. 361 ст.1 од Кривичниот законик.
За обвинетите правни лица поднесено е обвинение за кривично дело – Предизвикување општа опасност од чл.288 ст.5 в.в ст.3 в.в ст.2 од Кривичниот законик.