Вториот круг од изборите за градоначалници им понуди на гласачите избор меѓу политичките алтернативи и кампањата беше конкурентна во поголемиот дел од општините, но не сите кандидати имаа еднакви услови за кампања, беше посочено на прес-конференцијата на меѓународната набљудувачка мисија од ОБСЕ /ОДИХР за вториот круг од локалните избори во земјава.
Набљудувачите оценија дека како и во првиот круг, основните слободи на изразување како и слободата на здружување и собири биле почитувани и учесниците во изборите имале можност слободно да водат кампања. Сепак, додаваат, тонот на кампањата беше повоздржан од првиот круг, со одделни случаи на лични напади од страна на кандидати и партиски лидери едни кон други.
– Вториот круг од изборите за градоначалници се одвиваше уредно и кампањата во целина остана конкурентна, но не сите имаа еднакви услови – изјави Матео Мекачи, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
Меѓународните набљудувачи оценија и дека продолжила вклученоста на владини претставници во изборниот процес, како и, како што наведоа, постојаните притисоци врз избирачите, заедно со бројните обвинувања за купување гласови, што претставува загриженост.
Мекачи истакна дека го набљудуваат изборниот процес од почетокот на септември и посочи дека иако правната рамка обезбедува техничка основа за одржување демократски избори, и понатаму постојат бројни недоследности и слабости, особено во однос на изборната администрација, пристапот до медиумите и системот за решавање изборни спорови.
За вториот круг на локалните избори, според податоците на ДИК, акредитирани беа 1.622 набљудувачи од кои 957 домашни и 651 меѓународни и 14 странски новинари. Според податоците од официјалната веб страна на ДИК, најмногу меѓународни набљудувачи на Локалните избори 2025 има акредитирано ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права – 500.































