Со долгогодишното непочитување и прекршување на договорените принципи и заложби на Организацијата, е силно нарушена нивната кохезивна сила и се подриени принципите на ОБСЕ како темел на европската безбедносна архитектура. Ваквите тенденции доживеаја врв со агресијата на Руската Федерација врз Украина.
Ова го истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во своето обраќање на 29. состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ, што денеска и утре се одржува во Лоѓ, Полска.
Како што соопшти МНР, во неговиот говор пред министрите за надворешни работи и претставниците на земјите-учеснички на ОБСЕ, Османи се задржа на состојбите со кои се соочува Организацијата и актуелните политички и безбедносни предизвици, а се осврна и на визијата на нашето претседавање во 2023 година.
– Велат, ОБСЕ е на крстопат. Верувам дека вистинската насока напред е да овозможиме ОБСЕ да може да функционира врз основа на својот полн капацитет и подготвеност да испорачува, во корист и поддршка на граѓаните во ОБСЕ регионот. Организацијата да продолжи да и служи на целта за нејзино воспоставување, нудејќи релевантни вредности и принципи како темел на европската кооперативна безбедност, и платформа за дијалог како алатка за превенција и разрешување на конфликти – посочи шефот на дипломатијата Бујар Османи.
На маргините на состанокот, Османи денеска се сретна со Викторија Нуланд, потсекретар за политички прашања, во Стејт департментот, при што најави тесна координација со САД за време на претстојното претседавање на Македонија со организацијата во 2023 година.
На Министерскиот состанок во Лоѓ, Османи денес оствари билатерална средба и со Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Република Украина.
На средба, Османи ја реафирмираше недвосмислената поддршка на Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и солидарноста со украинскиот народ во нивната борба за враќање на слободата и надминување на последиците од руската воена агресија. Воедно, Османи подвлече дека поддршката на Украина ќе биде примарен приоритет и за време на претседавањето на Македонија со ОБСЕ идната година.
– Нашите напори ќе бидат фокусирани на обезбедување континуирано присуство и ангажман на ОБСЕ во Украина, обезбедување програмска поддршка во сите три димензии преку новоформираната Програма за поддршка за Украина како и праќање на специјален претставник на претседавачот на ОБСЕ, за политичко известување – истакна Османи.
Воедно, Османи изрази подготвеност, идната година да ги стави во функција сите капацитети и механизми на ОБСЕ, со цел помагање на засегнатото население во Украина во справувањето со предизвиците кои произледуваат од енергетската и прехранбената криза.
Османи утре ќе ја води третата пленарна сесија на состанокот, во капацитет на иден претседавач со ОБСЕ.