Фото: „Нова Македонија“

Алармантни податоци колку ученици ја напуштиле земјата

Добрите познавачи на состојбите во македонското образование се на ставот дека тоа треба здраво да се реформира, а сето тоа да биде дополнето со рестартирање на целиот институционален систем, почнувајќи од ефикасна борба со корупцијата, владеење на правото, економски раст и развој…

Девастирањето на образовниот систем со години и сето тоа дополнето со урнисување на институциите на државата, партитократијата, непотизмот и корупцијата се клучните моменти поради кои се раѓа бесперспективноста кај младите генерации, кои во потрага по подобар систем ја напуштаат сопствената земја и ја бараат среќата на друго место.
Овој поразителен тренд претставува опасност и за самата држава, чии образовни капацитети масовно се празнат, па ако се задржи сегашното темпо на иселување, за 50 години Македонија ќе биде земја без образована млада популација, која е клучна за идниот развој на секоја држава.

Податоците загрижувачки

Неодамнешната анализа на УНИЦЕФ за ситуацијата на децата и адолесцентите покажа дека Македонија се соочува со значителни демографски поместувања. Детската популација се намалила за 18 отсто од 2011 до 2023 година, а се забележува и ниска стапка на фертилитет од 1,5 отсто, што укажува на намалување на населението.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации од 2024 година, кое се базира на податоци од Државниот завод за статистика, покажува дека само за последните десет години, бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади, што претставува сериозна бројка. Да биде трагедијата уште поголема, намалувањето на бројот на ученици е особено изразено во средното образование, каде што само за десет години, бројот на ученици е намален дури за 20 отсто, односно за 17 илјади ученици, додека во основното образование, намалувањето изнесува пет отсто, односно 10 илјади ученици.

Понатаму, во две третини од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во десет скопски општини и во девет други општини, надвор од Скопскиот Регион. Најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка има во општината Гази Баба, каде што во последната учебна година имало дури 2.389 ученици помалку отколку пред десет години. Следна општина е Тетово, каде што имало речиси 1.500 ученици помалку, само за период од десет години.

Со намалувањето на бројот на ученици во основното образование насекаде низ земјата бројот на наставници е зголемен. Во последната учебна година имало 1.203 наставници повеќе отколку пред десет години, односно нивниот број е зголемен за седум отсто. Истовремено, бројот на ученици е намален за пет отсто. Кога станува збор за средното образование, бројот на наставници е намален за речиси пет отсто, но таму намалувањето на бројот на ученици е за 20 отсто.

Овие податоци само го потврдуваат негативниот тренд што се случува веќе со години. Алармантно е што за само една година, 14 основни училишта во Македонија ставиле клуч на вратата. Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажаа дека од 976 во 2021/2022 година, бројот на основни училишта во 2023 година се намалил на 962. Статистиката забележува намалување и на бројот на паралелки и на ученици. Пораст има само на бројот на наставници.

Јаневска: Ако ги реализираме ветувањата, иселените ќе почнат да се враќаат

За надлежните, податоците се повеќе од загрижувачки и се убедени дека ова е последен момент кога треба да се направи нешто за младите да останат во училиштата и подоцна стекнатото образование да го искористат за развој на сопствената држава наместо да ја напуштаат.

Министерката за образование Весна Јаневска ја лоцира причината во сѐ помасовното иселување на цели семејства во странство, поради што и децата ги напуштаат македонските училишта и се запишуваат во образовните системи во земјите каде што заминуваат.
– Причина за ова е иселувањето во странство. Имаме информации дека тоа ни се случува и во текот на учебната година – вели Јаневска.
Според неа, бројката на деца што заминуваат да се школуваат надвор од земјата е огромна, па од тие причини Владата вложува максимални напори како да ги задржи дома.
– Ако ги реализираме ветувањата и обезбедиме пред сѐ економски услови, се надеваме дека дел од населението ќе почне да се враќа во Македонија – објаснува Јаневска.
Понатаму додава дека без оглед колку и да им е убаво надвор, сепак сите би се одлучиле за сопствената земја доколку имаат можности за пристоен живот.
– Со подобрување на економските услови, дел од населението ќе почне да се враќа – убедена е министерката за образование Весна Јаневска.

Со цел да се задржат младите во земјата, Министерството за образование и општините преземаат низа мерки за помош, награда и стимулирање на талентираните ученици. Надлежното министерство најавува нови учебници од септември, подобрена настава, пракса, усовршување на дигиталните вештини и примена на вештачката интелигенција за да се подобри квалитетот на образованието што им се нуди на учениците.
Од своја страна, дел од општините објавија јавен повик за доделување награди за талентирани ученици и спортисти од основните училишта, како стимул за нивно понатамошно градење како личности. Некои се одлучија парично да ги наградат првенците или со доделување стипендии како резултат на нивните добри резултати, посебно во областа на математиката, физиката и хемијата.

Општината Крушево, на пример, во обидите да ги задржи младите се одлучи да воведе финансиска поддршка за учениците од прва година, со што на некој начин сака да ги стимулира тие да останат во својата земја и стекнатите знаења да ги применат во нејзин развој.

Аналитичари: Да се врати надежта дека Македонија може да биде успешна приказна

Добрите познавачи на состојбите во македонското образование се на ставот дека тоа треба од корен да се реформира, а сето тоа да биде дополнето со рестартирање на целиот институционален систем, почнувајќи од ефикасна борба со корупцијата, владеење на правото, економски раст и развој…
– Образованието само по себе нема да биде доволно да ги задржи учениците тука ако не се случи комплетна трансформација на системот во државата. Децата влегуваат со училишните клупи со надеж дека утре нивното знаење ќе биде валоризирано, но како што растат и почнуваат реално да ги согледуваат состојбите, сфаќаат дека и покрај тоа што се најдобри, што се стекнале со добро знаење и вештини, клучните места повторно ќе ги наследат партиски луѓе, синови и ќерки на функционери, така што тоа создава револт кај учениците и тие веќе од средно училиште почнуваат да размислуваат како да побегнат од оваа држава. Кога тоа нема да се случува, кога мерит-системот ќе биде единствен услов да се напредува, тогаш и мотивот да се остане во својата земја ќе биде поголем – велат познавачите.

Според нив, мора да се врати надежта кај младите дека работите ќе се сменат и дека секој ќе ја добие својата шанса.