За повеќеслојноста на македонскиот суверенизам (8)
- Од гледна точка на споредбената уставна теорија и пракса во светот, образовниот суверенитет на една држава претставува суштински важен дел на севкупниот национален и политички суверенитет на една држава, односно алатка за создавањето и одржувањето на кохезијата, поврзувањето на членовите на општеството и за обликувањето на иднината на државата преку соодветно образование на идните поколенија
- Уставот треба да претставува (суверенистички) врховен правно-политички извор и темел за воспоставување, управување и за контрола на системот на образованието, во рамките на границите на државата
Впечаток е дека постојниот устав на Република Македонија практично е дефицитарен со одредби со кои би се препознале темелите на т.н. образовен суверенитет на македонската држава. Образованието во него е споменато само во одредбите и членовите 44, 45, 46 и делумно во членот 48. На пример, во членот 44 пишува: „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови“. Во членот 45 се наведува: „Граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование“. И практично тоа е сѐ, што се однесува до уставотворниот пристап кон аспектот на феноменот наречен образовен суверенитет. Но за издвојување е и дека впечатокот на нашите соговорници е дека делумно „оваа улога ја преземаат и ја вршат законите на државата“.
Правото на слободно образование подразбира да нема наметнување историски и научни фалсификати
Европска уставна пракса е секое дете да има право и можност на „слободно образование“, а тоа директно преведено во случајот со нашата држава, која декларирала свој влез во Европската Унија, дека „и за децата во оваа држава мора да се спроведува истиот заеднички европски уставен принцип на слободно образование“. И тука, веднаш, нашите соговорници издвојуваат сериозен предизвик со кој се судираме (во една доскорешна практика).
– Во нашиот случај, да не им се наметнуваат на македонските ученици бугарски фалсификати за нивниот македонски национален идентитет, за мајчиниот македонски јазик што го говорат, ниту да им се наметнуваат во учебниците бугарски фалсификати и за „бугарски темели и корени“ и на автентичната македонска национална историја – издвојуваат нашите соговорници, акцентирајќи дека токму тоа најпластично го отсликува степенот на таканаречениот образовен суверенитет во Македонија.
Имајќи ги предвид сите наметнати амандмански менувања на карактерот и содржината на највисокиот правно-политички акт на македонската држава во изминатите три децении, нашите соговорници истакнуваат дека токму тука лежи и зајакот за нерушење и на суверенитетот во делот на образованието.
– Образование „без надворешни влијанија“! Оваа фраза „без надворешни влијанија“ треба да се однесува на образовниот, но и на сите други видови на националниот суверенитет на македонскиот народ и на сите други граѓани во државата Македонија – истакнуваат тие.
Флексибилен образовен систем, прифаќање модерни и ефикасни трендови, но без задирање во идентитетот, јазикот, историјата и без негирање на традициите и универзалните вредности
Практикувањето на образовниот суверенитет и на образовната политика на Македонија не може да се спроведува во апсолутна смисла без никакви надворешни влијанија со самото тоа што таа како држава опстојува со својот образовен систем во балканскиот, европскиот и светскиот простор низ интеракции со образовните системи и суверенитети и на другите народи и држави, сето ова регулирано со редица меѓународни конвенции, принципи на меѓународното право и со меѓудржавни договори. Повеќето меѓународни и регионални договори за образование, кои влијаат врз националните устави, промовираат меѓународна соработка и разбирање преку образование. Земајќи го предвид овој важен факт и засновајќи се врз една оптимална избалансираност со меѓународната пракса, македонскиот пристап кон овој предизвик, сепак, треба промптно да детектира, да идентификува и да спречи отворени и скриени (негативни) влијанија преку образованието кон младата популација. Зошто го велиме ова?
– Многу добро е познато како беа спроведени промени во законите за образованието и образовната политика, со кои интензивно се бришеше македонската национална свест кај учениците Македонци, преку злогласната заедничка историска комисија со Бугарија се подготвуваше теренот за целосно преправање на учебниците по историја и за нивно испраќање во Софија на одобрување. Овие активности имаа цел целосно бришење на македонскиот образовен суверенитет и беа насочени не само кон вградување на бугарските историски фалсификати во наставните програми и учебниците во училиштата туку и кон ремоделирање на традиционализмот и универзалните вредности кај децата и младите, преку образовните процеси и програми – велат соговорниците.
Образованието во Европската повелба за фундаменталните права
- Членот 14 од Европската повелба за фундаменталните права во делот Право на образование во ставот 3 наведува: „Слободата за основање образовни установи со должно почитување на демократските принципи и правото на родителите да обезбедат образование и настава на своите деца во согласност со нивните религиозни, филозофски и педагошки убедувања ќе се почитуваат, во согласност со националните закони што го регулираат остварувањето на таквата слобода и право“
Горенаведената одредба на споменатиот фундаментален европски акт ги содржи формулациите „слобода за основање образовни установи со должно почитување на демократските принципи“ и „настава на децата… во согласност со националните закони, што го регулираат остварувањето на таквата слобода и право“. Сметаме дека нагласувањето на улогата на националните закони во контекстот на образованието во една држава и посебно споменувањето двапати на зборот „слобода“ многу јасно исклучуваат можност за чие било и какво било надворешно интервенирање и влијаење врз образовниот систем и образовната политика на секоја европска држава, што значи и на Македонија. Ова е првата основа за претстојното уставно воспоставување, гарантирање и практикување на државниот и националниот образовен суверенитет во Македонија.
Натаму, Во „Службениот весник“ на Европската Унија Ц 303/17 од 14 декември 2007 година, во кој е објавена Европската повелба за фундаменталните права, се дадени и „објаснувања кон членот 14“, па во нив се укажува: „Овој член 14 е заснован врз заедничките уставни традиции на државите членки на ЕУ и врз Протоколот на Европскиот суд за човекови права…. Имплицитно е дека секое дете има право да му се нуди и да следи слободно образование“.
Свето Тоевски

































