ДЕНЕС Е СОБОРОТ НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ И ПРЕТЕЧА ГОСПОДОВ
- Меѓу евангелските личности посебно место зазема Свети Јован Крстител и Претеча Господов: и според начинот на неговото доаѓање во светот, и според улогата на крстител на луѓето за покајание, и како крстител со вода на месијата, најпосле и според трагичното заминување од овој живот. А главното дело на Свети Јован се оствари на денот на Светото Богојавление (Водици), кое уште се состоеше и во подготвувањето на народот за доаѓањето на помазаникот Исус
Македонската православна црква – Охридска архиепископија и нејзините верници, денес, на 20 јануари, според новиот календар, молитвено и торжествено го слават празникот Собор на Свети Јован Крстител и Претеча Господов. Овој ден е посветен на еден од најголемите и највозвишени личности во историјата на спасението – човекот што стои на границата меѓу Стариот и Новиот завет и кој со својот живот, слово и сведоштво го подготви патот за доаѓањето на спасителот на светот.
Свети Јован има навистина особено место во Светото евангелие: и според неговото чудесно раѓање, и според неговата пророчка мисија, и според подвигот на покајничко крштевање, но и според неговото трагично маченичко заминување од овој свет. Тој се нарекува крстител затоа што со својата рака Го крсти Господа Исуса Христа во реката Јордан, а претеча, затоа што го најави и го посведочи Христовото доаѓање, повикувајќи го народот на покајание и духовна обнова.
Уште од најраните векови, Црквата востановила Свети Јован, овој „ангел во тело“, да се прославува веднаш по празникот на Светото Богојавление. Причината за тоа е длабоко богословска: токму на денот на Богојавление се исполни неговата главна служба и призвание: да Го покаже месијата на светот и да го подготви народот за неговото јавно јавување. Иако Свети Јован Претеча се празнува неколкупати во текот на годината, денешниот празник, Соборот на Свети Јован, претставува негов главен спомен, денот кога верниот православен народ најсилно и најсвечено му оддава чест.
Кај македонскиот народ, Свети Јован е меѓу најпочитуваните светители. Мнозина денеска ја празнуваат неговата крсна слава, а според народното предание и црковната пракса, тој стои рамо до рамо со најголемите празнувани светии, како Свети Никола, Свети Димитриј, Свети Архангел Михаил, Свети Ѓорѓи и Свети Атанасиј Велики. Оваа длабока почит сведочи дека ликот на Свети Јован не е само библиски спомен туку жив духовен образец за вера, чесност и храброст.
Свети Јован се смета за врвен пример на морална чистота и духовна исправност. Неговиот живот бил толку чист и ангелски, што Светото писмо со право го опишува повеќе како небесно отколку како земно суштество. Меѓу сите пророци, тој е единствениот што не само што пророкувал за месијата туку и лично Го видел, Го препознал и со рака му Го покажал на светот. Со оваа рака, која во црковното предание има особено значење, тој Го крстил Синот божји.
Црковното предание сведочи дека токму оваа света рака на Свети Јован, во Антиохија, секоја година била изнесувана пред народот на неговиот празник. Понекогаш се јавувала раширена, а понекогаш згрчена, како знамение за родна или неродна година. Според житието, евангелистот Лука, сакајќи да ги пренесе моштите на Свети Јован од Севастија во Антиохија, успеал да ја понесе само неговата рака. Таа била чувана таму до 10 век, а потоа пренесена во Цариград, од каде што, во турскиот период, исчезнала.
Животот на Свети Јован бил едноставен, строг и подвижнички. Тој живеел во пустина, се хранел со див мед и инсекти, а неговата проповед била остра, но спасоносна. Тој ги крштевал оние што искрено се каеле, а за својата непоколеблива вистинољубивост ја платил највисоката цена – маченичка смрт, кога по наредба на царот Ирод му била отсечена главата.
Љубовта и почитта кон Свети Јован јасно се гледаат и во словата на македонските архијереи. Во продолжение следува поголем извадок од слово на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, произнесено во Кабрамата, Австралија, во 2017 година, кое длабоко и јасно ја изразува богословската и духовната величина на Свети Јован Крстител.
„Светата Православна Црква денеска го прославува Соборот на Св. Јован Крстител и Претеча на нашиот спасител, Господ Исус Христос. Овој божји угодник се прославува повеќе пати во годината. Исто така, секој вторник е посветен на Св. Јован. Божјата промисла била таква што тој, поради неговиот свет, испоснички и подвижнички живот, ќе биде удостоен, својата рака да ја стави врз главата на месијата. Врз главата на спасителот и избавителот на севкупниот човечки род од грев и од секакво зло. Волјата божја била таква што Св. Јован ќе се роди на границата помеѓу двата завети. Тој е последниот пророк на Стариот завет, а и прв проповедник, или апостол, на Новиот завет. Тој е пратеник божји. Пратеник што треба да го приготви израилскиот народ за дочекување на месијата.
Израилскиот народ, како избран народ, во долгата историја бил подготвуван да Го дочека и достоинствено да Го пречека Господа Исуса Христа. Да го пречека месијата како победител, искупител и избавител од гревот и смртта. Пред самото појавување на јавна проповед на Господа Христа, Св. Јован Крстител, уште во Јорданската Пустина, ќе почне да Го навестува спасителот на светот. Неговата проповед е содржана во овие две реченици: ’Покајте се, зашто се приближи царството небесно! Направете плод достоен за каење‘ (Мт 3, 2 и 8). Иако овие зборови биле изговорени во пустина, тие, со своето ехо, одѕвонувале низ цела Јудеја и Палестина. Биле слушнати и од учени фарисеи и садукеи, и од обичните прости луѓе, од стари и млади, богати и сиромаси, од силни моќници и од сушти сиромаси. Јовановата проповед имала успех бидејќи врз него била божјата благодат, која им ги ловела срцата и душите на луѓето повикувајќи ги на Јованово крштение. Израилскиот народ масовно излегува да ја слуша проповедта на Св. Јован, но и да се крсти од него. Покрај проповедта за покајанието, Св. Јован го препознава Господа Христа, кој, во огромната маса луѓе, доаѓа да биде крстен од раката на Јован во реката Јордан. Св. Јован ќе Го навести и ќе Го претстави пред масовниот народ како јагне божјо. Јагне, кое ги зема гревовите на светот. А себеси, пак, ќе се претстави како слуга, кој не е достоен ниту врвките на неговите обувки да ги одврзе.
Јован за Господа Христа вели дека Он нема да ги крсти со вода туку со Дух Свети (Мт. 3, 11). Ќе им укаже на луѓето дека Он ќе ги ослободи од секакво зло и ќе ги утврди во вистината и правдата. Целокупната проповед на Св. Јован Крстител се сведува на подготовка на избраниот народ за достоинствено дочекување на месијата. Дочекување на оној за кого пророкуваа пророците, а за кого, пак, чезнееле и сакале да Го видат и дочекаат многу израилски генерации. Св. Јован од луѓето барал да ги израмнат духовните патишта, за да може Господ Христос да дојде до нив, во нивните срца, во нивните души и во нивниот живот. Порамнувањето на патиштата подразбира да ги отфрлат од нивните срца, души, помисли и постапки сите зла, лаги, неправди, лицемерија и сите пороци што постојат во животот кај луѓето. Без отсекување на овие зла, формалното крштевање и потопување во вода нема да им донесат никакво добро“, кажа, помеѓу другото, сега упокоениот митрополит г. Тимотеј во таа своја беседа.
Живко Здравкоски

































