Фото: МИА/илустрација

Во изминатите 24 часа, поради врнежи од дожд и снег, на повеќе места низ државата е забележано покачување на нивото на реките. Во Битола е регистриран одрон на магистралниот пат Е-65, како и излевање на Сива Река во близина на археолошкиот локалитет Хераклеја, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК наведуваат дека во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане водостоите се зголемени, но засега нема опасност од излевање. Во Кратово, поради повремени врнежи, е покачено нивото на Кратовска и Крива Река, без излевања.

Во Новаци, Црна Река достигнува околу 280 сантиметри, а во Демир Хисар е забележано зголемување на водостојот на истата река, без поголеми проблеми.

– Во Кичево евидентирани се 250 евакуирани лица, односно 63 семејства, на кои им се обезбедува храна, вода и неопходна поддршка. Екипи на комуналните служби работат на расчистување и продлабочување на речното корито на Зајашка Река, како и на чистење на канализационата мрежа. ТППЕ врши испумпување на вода од подруми на повеќе улици по пријави од жители – се наведува во соопштението од ЦУК.