Фото: МИА

Деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, Светозар Антовиќ и раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков денеска соопштија дека по трагичниот настан во Кочани за многу кусо време биле извршени 59-те обдукции на телата и идентификациите на починатите.

Како што истакнаа на прес-конференција, за ова биле формирани 6 тимови во кои, освен експерти од Судска медицина, имало и патолози. Вклучени биле и тимови од МВР.

Кај сите настрадани е констатирана насилна смрт од задушување што е предизвикано директно од пожарот.

Во март се очекува да бидат завршени сите извештаи за обдукциите.

Облеката и се што е најдено кај починатите е на Институтот за судска медицина и ќе биде предадено во Обвинителството.

Според Станков, веднаш по добивањето на информациите за несреќата, за еден час, сите вработени во Институтот пристигнале на своите работни места и бил направен план за соодветно дејствување. Се вршеле обдукции на по 15 лица, кои потоа му биле предадени на погребалното претпријатие.

-Целта беше брзо и квалитетно завршување на обдукциите кои почнаа вечерта, на 16 март, а завршија претпладнето на 18 март, како и точна, прецизна идентификација – истакна Станков.

И тој и деканот на факултетот изразија сочувство до семејствата и посакаа побрзо закрепнување на повредените кои се хоспитализирани.