Да ја врати довербата во институцијата Јавно обвинителство, да се зафати со темелна и напорна работа, а во иднина и да се позанимава многу подетално и многу повеќе со поднесените преку 100 кривични пријави од институциите што сега стојат во нечии фиоки во Обвинителството, тоа го очекувам од новиот државен јавен обвинител, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на пратеничко прашање.
Како што напомена, „народот со право е жеден и гладен за правда и токму таа борба, за правда, е суштинската реформа што треба да се спроведе, а не повисока плата или повисок буџет за обвинителите и судиите“.
– Од она што сум избрифиран од правниот тим, процедурата не би требало да трае повеќе од 1,5 – 2 месеца додека дојде на дневен ред изборот на новиот јавен обвинител. Очекувам во овој период да се избере јавен обвинител и тој да се зафати со темелна и напорна работа. Многу го чека. Во неформален разговор со колегите во Владата и институциите, во овие 1,5 година повеќе или помалку, обесхрабрувачки за сите нас, имаше појава во која институциите поднесуваа кривични пријави, а Обвинителството молчи. Можеби станува збор за неколку стотици такви случаи. Тоа што сме добро воспитани и што не правиме естрада, ниту се обидуваме да правиме упади во домови наутро пред децата на осомничените, па под превезот на истрага да снимаме со камери како некогаш, тоа не значи дека не се поднесени тие поднесоци – рече Мицкоски.
Тој додаде дека е логично што граѓаните често негодуваат.
– Велат: „па нели велевте дека овие се криминалци, лопови? Зошто гледаме слаба реализација? И јас тоа го разбирам, во право се, но повеќе стотици пријави стојат во нечии фиоки во Обвинителството. Се надевам дека кој и да биде јавен обвинител во иднина ќе се позанимава многу подетално и многу повеќе, зашто тоа е суштинска реформа, а не повисока плата, повисок буџет за обвинителите и судиите, туку борбата за правда. Народот е жеден и гладен за правда и сака да види вистинска борба – потенцира премиерот.
Според него, Владата не е судска власт, ниту обвинителство, може само да достави пријава.
– Од тој момент натаму, обвинителите и судиите се тие што обвинуваат и судат. Ова треба да биде прва, основна задача на јавниот обвинител – да ја врати довербата во институцијата Јавно обвинителство, а потоа и во судовите, зашто нема успех на ниту едно поле ако немате силна правна држава. Ако имате силна правна држава ќе имате и инвестиции, силна економија, работни места, добри плати,… Ова е многу важно за периодот што следи зашто голем дел од законите од реформската агенда ќе бидат пред Собранието. Дел од нив го поминаа филтерот на Венецијанската комисија, еден од нив е законот за судски совет што е веќе во собраниска процедура и очекувам до крајот на годината или следната да се донесе. Потоа ќе се најдат законот за совет на јавни обвинители, законот за судски совет, законот за јавно-обвинителство и за судска служба, сет од закони кои очекувам во јануари да се најдат пред Собранието – рече Мицкоски.
Тој уште еднаш кажа дека Владата се согласи со барањето на јавните обвинители и судиите плановите за вработување и унапредување да ги одобруваат Советот на јавни обвинители и Судскиот совет.
– Немаме тука никаков проблем со обвинителите и судиите, дадовме и насока да се направи мапирање на судовите и јавните обвинителства за вработени кои се дел од службата – ИТ експерти, сметководители, технички асистенти и врз основа на тоа да обезбедиме средства со Буџетот и ребалансот. Се што бараат од нас, направивме – напомена премиерот Мицкоски.































