Вардарска долина
Во мај 2025 година во нашата држава пристигнаа мноштво пријатни и непријатни информации. Во овој напис ќе се осврнам само на пријатните, според моето мислење. Пред сè тука мислам на договорот склучен меѓу владите на Велика Британија и на Р Македонија, кој резултира со добивање кредит за Р Македонија од околу 6,0 милијарди евра. Финансиските услови за враќање на овој кредит не ми се познати. За мене лично, многу е поважна намената на овие средства, а таа е изградба на нова пруга за железницата од Гевгелија до Табановце, како и изградба на каскадниот систем на хидроцентрали на Црна Река, која е дел од проектот „Вардарска Долина“, како и изградба на болници. Во моето понатамошно излагање главно ќе се осврнам на техничкиот дел за овие стратешки објекти за нашата држава. Со висината на овие средства, со кои ќе располагаме, дефинитивно ќе може да се отпочне со градба на овие објекти. Како ќе заврши оваа приказна ќе зависи од нас самите
Автор: ЈОРДАН СТАВРОВ
– дипл. хид. инж., проект менаџер во периодотна реализација на физибилити-студијата „Вардарска Долина“
Информациите што ги поседувам и ги користам за содржината на овој текст се од физибилити-студијата за проектот „Вардарска Долина“, кои се веродостојни и проверени, затоа што работев на таа проблематика околу шест години. Од друга страна, за новата пруга ги користам интервјуата на г. Синиша Ивановски, директор на МЖ – „Железници инфраструктура“, кој говореше на ТВ Алфа и ТВ 21, а кои ги слушав со внимание!Од мојот работен инженерски стаж, 15 години поминав во Секторот за развој и инвестиции во ЕСМ. Уште во тој период постоеше тивка војна, која постои до ден-денешен, меѓу ЕСМ и МЖ – „Железници“, а тоа е „антагонизам во врска со просторот во долината на р. Вардар“. Во клисурните делови на реката постои можност за изградба на два капитални енергетски објекта. Еден е ХЕ „Градец“ близу Удово и вториот ХЕ „Велес“ кај Башино Село, чија акумулација завршува кај Зелениково, Скопско. За ХЕ „Градец“, ЕСМ има изготвено главни проекти за браната и за изместување на пругата. За ХЕ „Велес“ постојат идејни проекти за браната и за изместување на пругата. Меѓутоа МЖ – „Железници“ оправдано или неоправдано никогаш не побарала начин и добра волја да ги реализира своите проекти, што значи ЕСМ не може да ги изгради браните.
Не сакам да дискутирам за преостанатите десет каскадни проточни хидроцентрали што треба да се градат во рамничарскиот дел на реката Вардар, а кои не може да бидат изградени поради присуството на 150 години старата пруга. Постојната стара пруга едноставно го кочи развојот на нашата држава, а сметам ако истата таа во најскоро време не се дислоцира од овој простор (коридор 10), ние ќе бидеме заобиколени во железничкиот транспорт од нашите соседи од север и југ, а нашиот источен сосед со големо задоволство го очекува тоа. Тоа е само една геополитичка позиција на Р Македонија, која ја губиме прекуноќ, а ќе има и други длабоки негативни последици во иднина. Тука има уште неколку геостратешки елементи, кои ќе ги оставам за размислување на стручните луѓе – експерти за таа проблематика од нашата земја.
Дали може да се забави водата, да се задржи барем 60 дена кога е
најдрагоцена за нашиот регион?

Јас повторно ќе се вратам на нашата река Вардар, која со векови и милениуми тече достоинствено низ нејзиното корито, а нејзината света вода ние жителите на овој регион не знаеме да ја зачуваме и не сме свесни дека за нас живот значи. Водите од акумулациите и забавувањата на малите каскадни хидроцентрали ќе се користат за наводнување на околу 80.000 хектари обработлива површина, вода за пиење за селата и градовите, за индустриски потреби, пошумување на голините и др. Ќе биде преземена комплетна заштита од поплави, еколошка заштита на водотекот и користење на водата за енергетски цели. Тоа значи една комплетна ревитализација на централниот дел на Р Македонија, а притоа постои можност, како што веќе напоменавме, за производство на 1.900 GWh хидроелектрична енергија.
За овој простор навистина да се ревитализира и да достигне висок степен на развој, треба да се вклучат сите негови природни потенцијали, а пред сè се мисли на водните ресурси, кои треба да се управуваат и да се користат рационално. Реализацијата на оваа идеја бара да се оформи една организација – стопан што ќе најде економски интерес да стопанисува со реката (пример со ЦНР во Франција). Од Скопје до Гевгелија по течението на р. Вардар во средно влажна година, околу 3,0–4,5 милијарди m3 вода годишно ја напуштаат територијата на Р Македонија за само 60 часа. Притоа логично се поставуваат две прашања, прво дали може да се забави водата, да се задржи барем 60 дена кога е најдрагоцена за нашиот регион и второ на кој начин да се постигне истото тоа. Одговор на овие прашања дава Студијата за интегрално уредување на Вардарската Долина. На границата со Грција средниот годишен проток Qsr на реката изнесува Qsr=150 m3/s вода. Со капталните акумулации, кои се веќе изградени на наша територија, како и новите што треба да се изградат на Црна Река, ХЕ „Скочивир“, ХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Галиште“, како и ХЕ „Градец“ и ХЕ „Велес“, ние ќе можеме да ја контролираме водата во Вардарскиот слив.
На нашиот јужен сосед според прописите на ЕУ за меѓународни води можеме (мораме) контролирано да му испуштаме 10 отсто од Qsr во реката, а тоа е 15 m3/s, а не неконтролирано годишно да истекуваат 3,0–4,5 милијарди кубика вода, како што напоменав претходно.
Состојбата во МЖ и размислувањата за новата пруга
Морам да признаам дека не ја познавам состојбата во МЖ – „Железници“. Знам дека пругата од Гевгелија до Скопје не е во функција, дека пругата за Бугарија се гради веќе 30 години, а јас лично не се сеќавам кога последен пат сум се возел со воз. Инаку, многу добро ги познавам возовите во Холандија (земја со површина колку Р Македонија), а користи возови со брзина од 120 до 160 km/h, а има само една линија за брз воз од 200 km/h од Амстердам – Брисел – Париз. Мислам дека мрежата на возови како пример може да се користи и во Р Македонија.
Каков впечаток ќе добие јавноста за инфраструктурните проекти на коридорот 10, презентирано на електронските медиуми (ТВ Алфа и ТВ 21) од страна на домашни експерти?
– Постојната студија за проектот „Вардарска Долина“ не беше спомената ниту од водителот ниту од гостинот, иако цело време се дискутираше за коридорот 10, каде што се предвидува да се реализираат двата проекта.
– Постојната пруга од Гевгелија до Табановце, стара 150 години, треба целосно да биде демонтирана.
– Покрај самата пруга постои макадамски пат со ширина 3-4 м, кој е стар колку пругата и служел при нејзината градба. Овој пат денес го користи околното население по должината на пругата, се вршат интервенции во случај на сообраќајни несреќи, интервенции во случај на потреба на војската на АРМ за вежбовни активности и др.
– Габаритот со мали интервенции на косините ќе се користи како траса на вториот колосек на новата двоколосечна пруга. Значи да резимираме, на стариот постоен пат од септември 2025 ќе отпочнат геолошки работи за втората, нова паралелна пруга. Таа ќе биде со исти технички карактеристики и брзина од 120 до 160 km/h, како првата пруга. Тоа значи едната траса ќе се користи како транспортна за товар од различен вид, а втората за транспорт на патници.
ЈОРДАН СТАВРОВ – дипл. хид. инж.
ЗАКЛУЧОК
1. Според моето мислење и фактите што се наведени, новата железничка траса треба да ја напушти 150 години старата траса по должината на р. Вардар и да оди по нова траса: Гевгелија – Штип – Свети Николе – Куманово (со нова железничка станица) – Табановце.
2. Ако остане старата траса, треба да се откажеме од проектот „Вардарска Долина“ и од сите бенефити што ги нуди.
3. Време е Министерството за транспорт и врски, Владата и сите релевантни институции да се премислат и да прифатат проекти и траса за новата пруга што нема да го нарушуваат концептот на проектот „Вардарска Долина“. Само така можеме да обезбедиме заедничка иднина за двата проекта и да ја обезбедиме иднината на генерациите што доаѓаат.
4. Не смееме да им ги одземеме правата на идните генерации да ги користат енергијата и придобивките од акумулациите што Вардарската Долина може да ги понуди. Ова е наша заедничка одговорност и инвестиција во националниот развој и еколошка одржливост.
5. Детална оцена и мислење за оваа проблематика треба да дадат: Градежниот факултет од Скопје, Министерството за енергетика и МАНУ.
6. Француските експерти што работеа на физибилити-студијата за Вардарска Долина дадоа мислење дека новата траса на пругата треба да се измести на исток надвор од долината.
7. Дефинитивната одлука треба да биде потврдена од Советот за безбедност, кој е под директна ингеренција на претседателот на државата Р Македонија.
Скопје, јуни 2025
ЈОРДАН СТАВРОВ – дипл. хид. инж.
Заклучни дилеми и размислувања
Дали е можно покрај река во еден тесен коридор да егзистираат, односно да се изградат:
– Автопат.
– Две траси за пруга со технички карактеристики за брзина на движење од 120 до 160 km/h.
– Дванаесет хидроцентрали од кои две од нив се класични гравитациони бетонски брани со H=60,0 m и H=30,0 m. Двете се со значајни акумулации (резервоари на чиста вода што се користи за пиење, тех. вода, против пожари, наводнување и енергетски потреби и др.).
– Не може во XXI век, кога постојат значајни климатски промени, а глобалната просечна температура годишно се зголемува за 1,35 Целзиусов степен, кога се водат војни за чиста вода, да биде помалку важно од избор на траса за железничката пруга.
– Тука егзистира и воен полигон – база на НАТО, кој тангира со р. Вардар во должина од 10 до 12 km.
– Што ќе се случи со државата ако во коридорот на должината на реката некој од нашите соседи или некаде од подалеку случајно или намерно се уфрлат два-три дрона со експлозив? Сите сувоземни комуникации во државата ќе бидат прекинати.
– Одлуката за реализација на новата траса за новата пруга во стариот коридор на р. Вардар не може да биде донесена од еден млад директор на МЖ – „Инфраструктура“ или можеби тој има директива од повисоките раководни структури.
– Геолошките истражувања треба да почнат во септември 2025. Пред да се отпочне со истражувањата на трасата мора да има тим консултанти и проектанти, кои треба одлично да ги познаваат конфигурацијата на релјефот на Р Македонија и постојната мрежа на изградените пруги. Врз база на тие сознанија треба да се изготви соодветна проектна задача за идеен проект, а подоцна и главен изведбен проект.
– Мислењето на француските експерти што работеа на проектот „Вардарска Долина“ беше дека новата траса треба да се измести кон исток, надвор од речната долина.
ЈОРДАН СТАВРОВ – дипл. хид. инж.