фото: Влада

Општина Илинден денеска доби нов здравствен дом, прв по половина век.  Во објектот изграден на локацијата на старата амбуланта, на две нивоа со површина од 600 метри квадратни, се сместени 14 современи ординации, за основна здравствена заштита, но и специјалистички здравствени услуги.

Во амбулантата се вложени 16 милиони денари, по осум милиони денари од буџетите на Министерството за здравство и на Општина Илинден. Заедно со придружната инфаструктура вкупната инвестициска вредност изнесува 25 милиони денари.

– Вредноста на овој објект е далеку поголема од паричниот износ.Таа се мери во сигурноста на родителите дека нивните деца ќе имаат здравствена грижа близу до домот во спокојот на повозрасните жители кои веќе нема да мора да патуваат далеку за преглед, во достоинството на здравствените работици кои конечно добиваат услови какви што заслужуваат – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој истакна дека оваа амбуланта е дел од заложбата за обнова, модернизација и јакнење на здравствениот систем во целата држава. Во тој контект потсети дека изминатиот период целосно е реновиран Одделот за ургентна инфектологија и интензивната нега во Инфективната клиника, во Општата болница во Гостивар реновирани се неколку одделенија, како и во Клиничката болница Тетово. Ги спомена и реновирањата на  радиологија, на хируршките клиники, како и невролошката амбуланта во Детската клиника, а интензивно се работи и на клиниката Карил.

– Ова не се одвоени активности – ова е дел од една сериозна, системска трансформација на јавното здравство. Ние не градиме само објекти – градиме доверба, достоинство и една нова надеж во македонското здравство. Надеж во која пациентот е во центарот, а државата се грижи за него, во секој град, во секое село, во секој дом – рече Мицкоски.

Министерот за здравство Азир Алиу најави дека новиот здраствен дом ќе пружи здравствена заштита за над 30.000 жители од Илинден и соседната општина. Граѓаните, како што рече, ќе добијат квалитетна основна здравствена заштита, но и специјалистички здравствени услуги кои ќе бидат со олеснет пристап и ќе ја намалат потребата од патување на пациентите надвор од општината.

– Како МЗ, веруваме дека една од институциите за да биде компатибилна за здравствените услуги да бидат квалитетни, мора да имаме три главни столба, и тоа инфраструктура, организација, и човечки потенцијал. Денеска го презентираме првиот столб,  инфраструктурно јакнење како предуслов за функционален достапен здравствен систем за нашите граѓани. Со инвестиција од над 16 милиони денари од кои 8 милиони денари беа од буџетот на МЗ,  исто толку 8 милиони денари од Општина Илинден, заеднички создадовме објект со површина од 600 метри квадратни, распореден на два ката, со 14 современи ординации внатре. Не станува збор само за бројки, туку и за простор кој ќе понуди доверба, сигурност и грижа за сите  граѓани на Општина Илинден и пошироко – рече Алиу.

Оцени дека оваа соработка меѓу централната и локалната власт, е пример како треба да се работи обединето, функционално и насочено кон резултати со квалитет и бенефиции за граѓаните.

Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека објектот бил ветуван наназад 15 години и бил дел од програми на многу влади, а како што рече, конечно е реализиран, со заложбите на актуелната локална и централна власт со многу вложен труд и енергија.

– Овој објект може да обезбеди се што му е потребно на еден граѓанин за да добие квалитетна ефиканса и навремена здравствена услуга тука, дома, во срцето на Илинден. Значително ќе се подобрат условите за работа за разлика од претходно, а исто така  ќе се отвират и нови работни места за здравствените работници – рече Георгиевски, упатувајќи апел до Министерството за здравство и Здравствен дом Скопје, што поскоро новиот објект да го стават во функција со сите негови капацитети.

Здравствениот дом, посочи градоначалникот, е плод на одговорна визионерски и системски  креирана политика, исполнување на конкретно ветување втемелено во предизборната програма и дел од стратешкиот развоен план креиран преку дијалог и соработка со граѓаните.