Фото: Принтскрин

Помилувањето не смее да се темели исклучиво на висината на изречената казна или на природата на кривичното дело, туку пред сè треба да го вреднува процесот на ресоцијализација и односот на институциите кон осудените лица. Секој човек, дури и кога ќе направи сериозни животни грешки и ќе биде изолиран од општеството, има право на втора шанса, истакна денеска претседателката Гордана Силјановска-Давкова.

Таа се обрати на воведното излагање на Научно-стручната расправа по предлог-законот за помилување, што се одржа на Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, посочувајќи дека современите трендови во ресоцијализацијата се нераскинливо поврзани со подобрување и хуманизирање на условите во затворите.

Претседателката нагласи дека македонските затвори сè уште не ги исполнуваат овие стандарди и потсети на предупредувањата дека државата може да се соочи со сериозни реакции од Советот на Европа, па дури и со обвинувања за елементи на тортура во постапувањето кон лицата лишени од слобода.

Според неа, изработката на нов закон за помилување е неопходна, бидејќи актуелниот, како што рече, „не личи на закон“, особено ако се чита низ призмата на одлуките на Уставниот суд, кој поништи или измени повеќе негови одредби. Таа укажа дека членовите на Комисијата за помилување не можат да имаат „истражни“ овластувања, ниту да бараат информации од судови или агенции, како и дека во нејзиниот состав не треба да членуваат судии и адвокати.

Силјановска-Давкова отвори и низа прашања пред експертската јавност, нагласувајќи дека законските решенија мора да се креираат имајќи предвид различни профили на претседатели. Меѓу дилемите што ги посочи се сведувањето на минимум на дискреционото право при одлучувањето, улогата на Комисијата за политички систем, како и досегашната и идната надлежност на Министерството за правда.

– Бидејќи секогаш постои простор за дискреционо однесување, прашањето е како таа дискреција да се сведе на минимум или дури целосно да се анулира, затоа што во демократски систем не треба да има ваков простор. Затоа одговорно тврдам дека секогаш сум ја оставала одлуката на Комисијата – како што ќе одлучи таа, така постапувам и јас. Можеби тоа треба и експлицитно да се внесе во законот – истакна претседателката.

Во рамки на дебатата, таа го отвори и прашањето дали е потребно донесување посебен закон за претседател.

– Еден ден ќе треба да собереме сила и да донесеме закон за претседател. Имаме закон за правата на поранешните претседатели, а немаме закон за институцијата претседател – рече Силјановска-Давкова.

Осврнувајќи се на казната доживотен затвор, таа ја отвори дилемата дали за дел од осудените лица, со исклучок на делата поврзани со тероризам и злосторства против човештвото, не треба да постои можност крајот на животот да го дочекаат поинаку. Во тој контекст, посочи дека државата треба да ги следи препораките на Венецијанска комисија, која им сугерира на земјите од поранешна Југославија автентичното толкување на законите да се врати таму каде што му е местото – во Уставниот суд, а не во Парламентот.

Таа нагласи дека Македонија е држава со најмногу автентични толкувања, при што, според Венецијанската комисија, е проблематично еден актуелен парламентарен состав да толкува што мислел законодавецот пред децении, со што лесно може да се добие сосема поинаква интерпретација на законските одредби. Забелешки, како што рече, постојат и за општите правни мислења на Врховниот суд во контекст на поделбата на власта.