Фото: „Нова Македонија“

Од граѓански агол: „Симптоматични пожари“ – секојдневна реалност

Во Македонија речиси секојдневно избувнуваат пожари, кои јавноста ги нарекува „симптоматични“. Јавноста и медиумите велат дека не е веќе тајна дека многу од пожарите не се резултат на случајност или невнимание, туку на свесна намера и умисла. Палењето шуми, ливади и депонии сè повеќе добива форма на поведение зад кое стои нечија инспирација, поттик, организирање и непосредно извршување. Нарекувајќи го ова со вистинско име, би рекол да се именува еколошки тероризам и закана што е еднакво сериозна како и секој друг облик на терор(изам) и организирано насилство.

Нова форма на тероризам?

Доколку навистина има индиции дека е еколошки тероризам, кој би имал корист од овие деструктивни поведенија, кои ако се докажат како поврзани и синхронизирани, би биле навистина акт на диверзија/диверзии? Дали навистина може да се лоцираат и да се докажат индикатори во насока дека овие акти се реализирани од страна на поединци или групи (кои можеби имаат директна врска со странски центри на моќ), а кои се насочени против граѓаните, државата и општеството и имаат цел да го заплашат или да го принудат населението или да ги заплашат или да ги принудат институциите да потклекнат пред остварување на некои нивни конкретни цели?
Во основа, повеќе консултирани извори имаат идентично становиште дека „еколошки тероризам претставува свесно предизвикување еколошки катастрофи со цел да се остварат политички, економски или психолошки (нечии) придобивки“.

Тоа значи користење на природата како оружје. Може да се манифестира преку масовни шумски пожари, пожари во депонии, површински копови на јаглен, труење води и почви, уништување земјоделски култури или уништување енергетска и водоснабдувачка инфраструктура. Бидејќи сите претходно наведени се масивни зафати со неселективни последици, се поставува прашањето кој би имал корист од сето тоа? Одговорот е повеќеслоен, но низ разговор со повеќе аналитичари, тие препознаваат повеќе мотивирани страни.

Криминални структури – кои „чистат“ земјиште за градежни активности, потоа политички центри на моќ – кои создаваат хаос и страв за да ги прикажат системот и државата како нефункционални, понатаму економски профитери, поединци или групи што добиваат бенефиции од последователните санации на терен, дрвна маса или продажба на опрема. Најпосле, секако треба да се имаат предвид надворешните фактори – кои користат сензибилизиран амбиент и опкружување, како и момент за дополнителна дестабилизација и свое влијание.

Но експертите нагласуваат дека една од клучните работи како последица на екотероризмот е предизвикување силни краткорочни и долгорочни негативни последици кај населението, што е одлика на класичните форми на тероризам. Тоа се здравствени последици (честички од чад предизвикуваат астма, кардиоваскуларни болести, канцерогени болести…); економски последици (уништување насади, стока и имот, финансиски загуби); еколошки последици (контаминирање воздух, вода и почва, на животната средина, загрозување или исчезнување на флора и фауна, нарушен биодиверзитет, ерозија итн.); како и психолошки последици (чувство на страв и апатија, губење доверба во институциите и системот…).

Македонија на удар

Во сѐ уште системски сензитивни држави како Македонија, ваквите операции (пожари) претставуваат нечија стратегија на предизвикување „контролиран хаос“. Институциите мора да влезат во кондиција да спроведуваат темелни истраги, за да не испраќаат до меѓународната (и домашната) јавност порака на немоќ, а и да не ја охрабруваат повторливоста на ваквите злосторства.

Еколошкиот тероризам не е само напад врз депониите, шумите и ливадите и загадување на воздухот, водите и почвата. Тоа е напад врз здравјето, економијата и иднината на нашата нација. Тоа е загрозување на нашата сувереност во тој домен. Тоа е загрозување на она што значи национална чиста животна и работна средина, загарантирана со Уставот на Р Македонија, како темелна вредност на уставниот поредок на нашата држава (член 8 од Уставот, став 10) каде што се вели дека… „заштитата и уредувањето на животната средина и на природата“ е темелна вредност на Уставот!

Затоа, овие поведенија се исклучително сериозен напад на сувереноста и интегритетот на Македонија.
Државата треба да покаже дека овие злосторства ќе се третираат како злосторства против народот, против државата, општеството и против природата. Да не дозволиме секој чад на хоризонтот да биде нов потсетник на нашата заедничка немоќ, туку со заеднички сили, интегрирано и со еден интегрален приод да се спротивставиме на она што нѐ загрозува сите нас на патот кон просперитетот и одржливоста.