Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани донесе нов Правилник за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, со кој се предвидуваат промени насочени кон поедноставување и забрзување на постапките за граѓаните – соопштија од надлежното министерство.
Со новиот правилник подетално се регулираат постапките за поднесување барање, потребната документација, начинот на функционирање на стручните комисии и второстепената комисија, како и процесот на издавање и евидентирање на наодите, оцените и мислењата.
Како што посочуваат од министерството, клучната новина е тоа што кон барањето ќе се доставува наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице, изготвено од стручна комисија.
Според нив, оваа промена носи придобивки и за институциите и за граѓаните, бидејќи за стручните служби значи појасна и поефикасна процедура, додека за корисниците обезбедува поедноставен процес и побрзо остварување на правото на надоместок.
Од Министерството додаваат дека ќе продолжат со политики насочени кон поедноставување на административните процедури, побрзи услуги и поголема поддршка за граѓаните на кои таа им е најпотребна.
































