Фото: Маја Јаневска-Илиева

Официјална Тирана со двојни стандарди кон малцинствата: Максималистички барања за заштита и права за сопственото малцинство, а дозволува асимилација на македонското

Ако се примени реципроцитет на албанското однесување кон земјава, тогаш Македонија најмалку што може да направи во овој период е да побара од албанските власти да организираат нов попис во спорните подрачја, со присуство на меѓународни претставници на Евростат, кои ќе бидат гарант дека статистичката операција се одвива според европските пописни стандарди, лишена од секакви обиди за поткуп, уцени и притисоци од бугарска или од некоја друга страна. Тоа подразбира и вклучување на меѓународните инструменти за заштита на човековите права на Македонците во Албанија, оти очигледно албанската држава не може или не сака да го заштити македонското малцинство

Повеќе од скандалозни се резултатите од пописот во Албанија во кои на најфлагрантен насилен начин се изврши асимилација на македонското малцинство од страна на Бугарија, при што албанските власти, иако знаеја дека што се случува на терен, не мрднаа со мал прст да го спречат тоа, стравувајќи од потенцијална бугарска блокада на албанските евроинтеграции.

Двојните стандарди на официјална Тирана на дело

Претставници на македонското малцинство во Албанија во неколку наврати се обратија до надлежните за да информираат за инженерингот што Бугарија го спроведува на терен во пресрет на пописот и за време на попишувањето, но немаше реакција.

Од друга страна, истите албански власти беа крајно активни кога стануваше збор за пописот што се спроведуваше во Македонија, будно следејќи го секој чекор и отворено агитирајќи што повеќе Албанци да се попишуваат, дури мобилизирајќи ја и дијаспората да се попише, иако во ниту една европска земја иселените лица не се дел од пописните политики.

Сето ова јасно говори за двојните стандарди на официјална Тирана кога се работи за албанското малцинство во Македонија, која е крајно гласна и отворено се меша во внатрешните работи во државата, но кога треба да го заштити македонското малцинство од бугарските притисоци и уцени, молчи и кокетира со Софија.

Ако се примени реципроцитет на албанското однесување кон земјава, тогаш Македонија најмалку што може да направи во овој период е да побара од албанските власти да организираат нов попис во спорните подрачја, со присуство на меѓународни претставници на Евростат, кои ќе бидат гарант дека статистичката операција се одвива според европските пописни стандарди, лишена од секакви обиди за поткуп, уцени и притисоци од бугарска или од некоја друга страна. Тоа подразбира и вклучување на меѓународните инструменти за заштита на човековите права на Македонците во Албанија, оти очигледно албанската држава не може или не сака да го заштити македонското малцинство.

Претставка до Брисел за замешателството на Софија во пописниот инженеринг во Албанија

Истовремено, Македонија треба да упати и протест до официјален Брисел, посочувајќи дека земја членка на ЕУ, која ги прифатила европските вредности и начин на демократско однесување при приемот во европското друштво, сега врши отворена асимилација врз малцинство во друга земја што не е бугарско. Покрај тоа, ЕУ треба уште еднаш да испита како Бугарија толку лесно раздава европски пасоши наоколу, кога пред извесно време токму оваа земја беше предмет на истрага на европските тела околу проблематичното издавање бугарски државјанства на небугарски граѓани.

Лидерот на ОМО „Илинден“ – Пирин, Стојко Стојков, вели дека Бугарија ги врши обидите за асимилација со сите средства, па поради тоа македонската влада треба посериозно да се вклучи и да ги активира меѓународните инструменти за заштита на човековите права.
– Тоа што сега го гледаат македонските граѓани со пописот во Албанија, за нас не е ништо ново, за нас е секојдневие веќе втора генерација. Затоа не е чудно што ние на пописите лека-полека исчезнуваме. Од пописот на кој возможно беше да се пишете како Македонец, без последици по вас, а последен таков беше во 1956 година, имаше 187 илјади Македонци. На последниот попис во Бугарија во 2021 година, бројката беше симната под илјада, и тоа се прави не само преку асимилација туку и преку директни манипулации за време на пописот, тоа што го слушнавме за манипулациите за време на пописот во Албанија. И тоа не е ништо ново, тоа е нешто што ние сме го гледале во различни варијанти овде, се користат методи како нашата бројка вештачки да биде намалена – вели Стојков.

Според него, Бугарија вакво нешто не може да направи во Грција каде што има силна држава и богати граѓани.
– Тоа може да го направи само во Албанија, каде што може да ги уценува луѓето со бугарски државјанства и на некои други начини – објаснува Стојков во изјава за Канал 5.

Анемичноста на македонската матична држава за своето малцинство во соседството

Тој понатаму додава дека македонските власти во овие 33 години не правеле ништо за малцинствата во соседните држави и затоа ситуацијата дошла до ова дереџе.
– Некој како да веруваше дека ќе можат, ако ги жртвуваат Македонците во Бугарија, да се извлечат од проблемите што ги имаат со Бугарија, не сознавајќи дека бугарскиот национализам е коренот на проблемот. Не го создаваат Македонците во Бугарија проблемот, тие едноставно постојат – истакнува Стојков.

Негово мислење е дека македонската држава може да направи повеќе работи за да го спречи пописниот инженеринг во Албанија.
– Иако сега е тешка ситуацијата, македонската влада мора да ги користи сите меѓународни инструменти што се однесуваат на човековите права, преку кои ќе се врши притисок врз Бугарија да ги почитува конвенциите што сама ги има потпишано и да ги почитува кон нас, нејзините граѓани, Македонците во Бугарија. Може, исто така, како секоја нормална држава да се грижи и да го помага своето малцинство, како што прават сите држави, а гледаме дека и Бугарија го прави тоа и нема ништо лошо во тоа. Може на крајот Македонија да преземе мерки и да се штити самата себеси и својот интерес, колку тоа и да звучи како оригинален концепт за некои луѓе, како некој да верува дека не треба да се брани државниот интерес – констатира Стојков.

Другите аналитичари со кои поразговаравме го лоцираат проблемот околу пописните резултати кај албанските власти, кои многу повеќе беа ангажирани околу пописот во Македонија отколку околу сопствениот попис.
– Официјална Тирана беше навреме предупредена дека има емисари што вршат поткуп и притисоци неколку месеци пред пописот и наместо тие луѓе да ги лоцира и да ги протера од земјата, дозволи слободно да мешетарат. Македонското малцинство во Албанија е лојално кон албанската држава, но истата таа албанска држава беше должна да не ги заборави во изминатите децении. Таму, во Мала Преспа, уште нивите се ораат со дрвени рала, луѓето живеат во крајна сиромаштија. Албанија мора да обезбеди пристоен живот за сите свои граѓани, без оглед што се малцинства. На тој начин тие нема да потпаѓаат под ничии уцени. Од друга страна, Македонија може симболично да ги помага малцинствата и тоа заедно со соседната држава, за да нема никакви сомнежи за евентуално мешање во нечии внатрешни работи. Грижата за малцинствата е обострана, така што како што Албанија бара највисоки стандарди за албанското малцинство во земјава, да даде барем минимум за Македонците таму ќе беше одлично. Вака, ги остави на милост и немилост пред бугарските асимилатори – заклучуваат аналитичарите.