Бугарските опструкции на македонските евроинтеграции имаат една и единствена цел
Многубројните амандмани на извештајот за напредокот на Македонија поднесени од бугарските европарламентарци се однесуваа точно на деловите во извештајот во кои се потврдуваше повеќевековниот македонски идентитет, што, според повеќето аналитичари, покажува дека целта не се никакви уставни измени, европски критериуми и принципи, туку добро осмислен план како да се обезличи еден народ
По неодамнешното жестоко противење на бугарските европарламентарци на извештајот за напредокот на Македонија во кој се спомнуваше повеќевековниот македонски идентитет, а чие гласање во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) беше одложено поради силниот бугарски притисок, веќе никој нема дилема дека намерата на официјална Софија е да креира целосно нов македонски идентитет.
Многубројните амандмани поднесени од бугарските европарламентарци се однесуваа точно на овие констатации нагласени во извештајот, околу историскиот континуум на македонскиот народ, јазик и историја, што, според повеќето аналитичари, покажува дека целта не се никакви уставни измени, европски критериуми и принципи, туку добро осмислен план како да се обезличи еден народ.
– Да се користи како политичко оружје членството во ЕУ или интеграцијата на земјата во рамките на ЕУ за да се решаваат билатерални прашања од пред неколку века, навистина претставува несмасна дипломатија. Но во ред, така одлучиле бугарската дипломатија, бугарските политичари, така одлучила бугарската политичка сцена, тоа е тоа, јас не можам да им кажувам како да се однесуваат. Нам ни беше важно во оваа година светот да разбере дека суштината на проблемот не е да ги додадеме Бугарите во Уставот, односно во согласност со податоците од последниот попис, над 800-те граѓани, кои се дел од бугарската заедница кај нас и кои велат дека нивниот мајчин јазик е бугарскиот. Суштината е обид на еден инженеринг, да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по ’45-та година од минатиот век и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој станува службен во ОН, како дел од југословенската федерација во 1945 година и дека почива на бугарски корени – рече македонскиот премиер Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Владата по свечената церемонија за доделување национално признание за врвни достигнувања во спортот.
Уште додаде дека секој оној што не гледа дека ова е суштината на проблемот, е политички аналфабет или не треба да се занимава со политика.

Дел од аналитичарите се согласуваат дека во тек е процес на идентитетски инженеринг врз македонскиот народ.
– Целата операција започна со промената на името на државата бидејќи името секогаш го детерминира идентитетот, па водејќи се од новото име на државата, сега сѐ почесто се слуша „северномакедонци“, „северномакедонски јазик“ и други слични кованици, кои на среден и долг рок треба да зачестат и на тој начин да се креира нов идентитет на Балканот. И Грција и Бугарија тоа го прават координирано, а дозволувајќи го сето тоа, очигледно и Европската Унија нема ништо против еднаш засекогаш да се затвори македонското прашање. Зошто инаку толку би рипале бугарските европарламентарци на извештајот за напредокот на Македонија ако не се работи за идентитетски инженеринг? Тие немаа забелешки за владеењето на правото, за другите основни критериуми, туку за констатацијата дека македонскиот народ има повеќевековно постоење – појаснуваат аналитичарите.
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, е категоричен дека без раскинувањето на договорите со Грција и со Бугарија не може да се спречат идентитетскиот инженеринг и етноцидот над македонскиот народ.
– Етноцидната Преспанска спогодба мора да се раскине еднострано, како морален и правен императив. Верувам дека не постои морален човек што ја поддржува геноцидната спогодба, односно културниот геноцид, и дека етички императив за секој морален политичар мора да биде раскинување на таквата нелегална и срамна спогодба. Во севкупната историја на светот никогаш не беше склучена посрамна спогодба или договор со кој сопствениот национален или народен идентитет се негира и брише – истакнува Јанев, алудирајќи и на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија.