Условите за враќање и каматните стапки за средствата од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство ќе бидат подобри од кое било досегашно позајмување. Финансирањето ќе биде врзано со проектот. Кај некои проекти рочноста ќе е пократка, кај некои ќе е подолга, ќе зависи од кондицијата на македонската економија и буџет, но исто така и од реализацијата на проектите, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, откако денеска на седница на Владата доби овластување да го потпише договорот задутре во Лондон.
Од вкупно најавените шест милијарди евра, финансиската рамка за првично планираните проекти во железничката инфраструктура и за објекти во здравството и образованието е 2,1 до 2,2 миијарди евра, а според Николоски, македонската страна инсистира средствата да се враќаат откако ќе бидат завршени проектите.
– Средствата се на располагање на неограничено време, првичната должина на договорот Влада со Влада е 10 години со можност да се продолжи. Десет години да почне проект, не да заврши, но доколку двете страни се согласни, не гледам причина зошто не би биле во добри односи со Обединетото Кралство, тоа да се продолжи. Според ориентационите цени изградбата на пругата од Табановце до Гевгелија би требало да чини околу милијарда и 900 милиони евра до две милијарди евра додека изградбата на Клиничката болница, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом во Штип, целосната реконструкција на Клиниќката болница во Тетово и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево, би чинело околу 200 милиони евра. Зборуваме за рамка од 2,1 до 2,2 милијарда евра што стартно би се потрошиле. Нашето инсистирање е да почнеме да ги враќаме откако ќе бидат завршени проектите, односно народски кажано грејс периодот да го врземе со периодот на завршување на проекти. Доколку ни требаат пет години да го завршиме проектот и грејс периодот да биде пет години, и кога ќе се стави во функција тогаш да почнеме да ги враќаме ратите – појасни Николоски на прес-конференција, откако Владата го усвои текстот на договорот.
Во однос на камаптите стапки рече „иницијално можно е да се движиме и под стапката на инфлација“, но деталите ќе бидат кажани за месец до месец и половина.
Според Николоски, клучна е рочноста за враќање. – Граѓаните сакаат, аи ние, побргу да се завршуваат проектите. Едно е да го ставите изведувачот во комотна позиција кога сака да го заврши проекетот а како држава да плаќате, а друго е да му се каже за колку мора да го заврши, а кредитот да почне да се враќа откако ќе заврши. Тогаш покрај од нас, ќе има притисок и од тој што го финансира проектот затоа што кај него се средствата. Убеден сум дека проектите ќе завршуваат навреме или предвреме заради оваа компонента – истакна Николоски.
На новинарско прашање тој истакна дека целиот процес се води максимално транспарентно, како што рече, за разлика од претходни проекти во државата, ништо не креме и не прогласуваме за државна тајна.
– Одиме условно кажано школски, односно по книга. За да реализирате проект прво мора да обезбедите финансирање, а за да обезбедите финансирање мора да обезбедите правна рамка. Поучени од грешките во минатото решивме да одиме школски и да не водат поискусни од нас. Во таа насока овој чекор што го направивме денеска на Влада ќе резултира со потпишување на договорот, а потоа ќе биде ратификуван во Собранието, е обезбедување на правната рамка, а врз основа неа потоа ќе зборуваме за финасирање и откако ќе го завршиме ќе зборуваме за изведба – посочи Николоски.
Укажа дека во минатото се правеле грешки, за кои како примери кои ги наведе проектите за автопатот Кичево-Охрид и автопатите на коридорит 8 и 10д.
– Автопатот Кичево-Охрид каде има кредит кој не е врзан со завршување на проектот и државата враќа пари за проект што не е завршен, што нема никаква смисла. Идејата на проектното финансирање е да почнете да враќате од оној момент кога проектот ќе почне да ви носи економски или друг бенефит. Вториот пример е со изградбата на коридорите 8 и 10д, каде што не е обезбедено финансирање. Теоретски, ако следната година буџетот во Македонија нема пари нема да се работи ништо, но секако тоа нема да се случи – наведе Николоски.
За договорот со ОК, од четирите потребни чекори, како што нагласи, првиот е завршен – имаме проекти, сега одиме на вториот чекор во четрток да го потпишеме договорот, а потоа во Собрание што е можно најбргу да го ратификуваме, а потоа врз основа на тоа одиме на финансирање.
– Не е тајна дека веќе имаме иницијални разговори, но за да можеме правно да ги финишираме мора првин да го имаме договорот влада со влада. Врз основа на она што го имаме разговарано досега нема да се работи за фиксно финансирање, туку финансирањето ќе е врзано со проектот. Кај некои проекти рочноста ќе е пократка, кај некои ќе е подолга, тоа ќе зависи од кондицијата на македонската економија и буџет, но исто така и од реализацијата на проектите. Се водевме од интересите на државата и во таа насока сигурни се две работи, дека волку средства колку што обезбедуваме во моментов ниту една меѓународна финансиска институција не е во можност воопшти да ги понуди на Македонија, а условите за враќање и каматните стапки ќе бидат подобри од било што што Македонија позајмила претходно – посочи вицепремиерот Николоски.
Наспроти позајмувањето од Унгарија кое беше за ликвидност и за проекти, подвелече дека сега ќе биде само за проекти. – Секогаш проектното финансирање е поевтино од финансирањето за ликвидност, истакна вицепремиерот Николоски.
На церемонијата во Лондон задутре покрај Николоски ќе присуствуваат и вицепремиерот Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски.
Владината делегација во Лондон ќе има средби и со министерите за внатрешни работи и за одбрана на Обединетото Кралство, како и со раководството на „Рајан ер“ од која, како што рече Николоски, се очекува да произлезат и нови летови кон Скопје.