Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека од досега исконтролираните над 3.100 лиценци во делот на градежното работење и урбанистичкото планирање, кај 479 е констатирано неправилно работење поради што ќе бидат одземени од правните лица.
Оваа листа, како што истакна Николоски, ќе биде доставена до соодветните институции за натамошно постапување.
Тој најави и законски измени со кои овие контроли ќе бидат обврзни на секои шест месеци, а не како досега на доброволна основа. За следните контроли, дополни, жалбата нема да го одложува извршувањето, односно суспензијата ќе оди веднаш.
– Целта не е да казнуваме, туку компаниите кои доброволно се согласиле на условите што ги предвидува законот, да ги исполнуваат. Феноменот е дека во моментот на поднесување на барањето ги исполнуваат условите, а потоа престануваат да ги исполнуваaт тие услови – истакна вицепремиерот Николоски.
Министерот прецизираше и дека контролите на лиценците се во делот на потребниот број вработени, а не во дел на квалитетот на изведување.
– За да не настане забуна, контролите на лиценците се во делот на потребниот број вработени, а во делот на квалитетот на изведување и квалитетот на навремено извршување постојат соодветни надзори кои ги контролираат градбите – потенцира Николоски.
За деталните урбанистички планови го повтори ставот дека некои општини треба да се шират, но само ако има место.
– Во некои општини ДУП-овите не поминуваат. Тоа што се случи во минатото се случи, сега сме многу внимателни – нагласи Николоски.