Фото: Принтскрин

Министерот за транспорт и врски Александар Ниоловски смета дека одлуката на бугарската Влада средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, е политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8 и дека „во вода паѓа“ и пропаганда против Владата, премиерот Христијан Мицкоски и против него.

– Испратени се писма до Европската делегација, до Европската транспортна заедница, но исто така и до двете банки Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, откако вчера бугарската Влада информираше дека нема предвидено средства за железничката пруга, која треба да ги поврзи Софија-Скопје преку железничкиот Коридор 8 – изјави Николоски.

Имајќи предвид дека имаме потпишани договори за кредит, токму за Коридорот 8, во висина од 350 милиони евра и за истите доколку не се користат треба да плаќаме резервации, а во овој случај не би се користеле не заради нас, туку заради вина на соседната држава, Николовски нагласи дека затоа ние мора да го заштитиме финансискиот интерес на државата.

Нашата држава, рече тој, останува силно посветена на изградба на Железничкиот Коридор 8. Во овој момент активно се работи на втората секција, во должина од 34 километри, којашто оди од Бељаковце до градот Крива Паланка.

– Во месец јануари, на 17 јануари ја пуштивме првата секција од Куманово до Бељаковце и остануваме посветени на дијалог со Бугарија, со цел изнаоѓање на заедничко – технички прифатливо решение нагласувам, во однос на тунел, којшто треба да ги спојува двете држави за изградба на третата секција. Затоа што сметаме дека Коридорот 8 е од исклучително значење не само за Македонија, туку и за целиот регион и за Европа. Тоа е НАТО коридор. Коридор којшто е втор најзначаен за НАТО и нашата посветеност останува – вели Николовски.

Тој додаде дека со жалење ја прима информацијата, којашто вчера стигна, а којашто веќе е и официјален документ усвоен од бугарската Влада, со којшто Бугарија одлучи да ги тргне средствата, коишто претходно беа предвидени за реконструкции на делот на пругата од Софија до Ѓуешево.

– Пруга има, но пругата е во очајна состојба во Бугарија и практично не може да се користи и не треба само да се изгради тунелот и да се изгради спојка со Ѓуешево, туку многу побитно да се направи реконструкција од Ѓуешево до Софија, со цел Скопје и Софија да се спојат. Имајќи во предвид дека донесоа одлука, средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, мислам дека јасно испраќаат политичка порака, во однос на нивната посветеност, односно непосветеност на изградбата на железничкиот Коридор 8 и исто така во вода паѓа и целата пропаганда, којашто беше водена во изминатите седум месеци против Владата, првенствено против премиерот Мицкоски и против мене дека имаме нешто против Бугарија дека не сакаме да се поврзуваме, дека сме биле некаква оска Атина-Белград и слични глопости коишто беа дел од пропагандата – изјави Николовски.

Вицепремиерот и министерот за транспорт и врски, Николовски вели вистината е најлесна и вистината излезе, а како што рече „тоа е дека ова било само залажување и оправдување и пред јавноста и пред европските институции, а намерите биле сосема различни“.

– Ние се надеваме дека дијалогот ќе продолжи, последниот обид го направивме на 7 март, кога јас испратив формално писмо преку Министерството за надворешни работи до бугарската Влада, бугарското Министерство за транспорт и до сите таму коишто се одговорни, од наша страна е формирана работна група од највисоко можно ниво, покрај мене, министерот за надворешни работи, министерката за финансии и директорот за Железници и инфраструктура. Очекуваме иста посветеност и од страна на Бугарија, со цел да можеме да изградиме ги поврзиме Софија и Скопје, на крај одлуката треба да е на двете страни – изјави Николовски.

Тој во денешната изјава за медиумите потенцира дека влади се менуваат, посветеноста останува и се надева дека со оваа или со идна бугарска Влада ќе се изгради Коридорот 8, затоа што тој е клучна артерија не само за Македонија, туку за целиот регион.

– Ние цело време инсистиравме на договор и ова што сега се случува го видовме уште минатата година, кога бевме избрани како Влада, а тоа е дека за жал од другата страна нема активни проекти, нема финансирање, за да завршите еден проект треба да имате испроектирана делница, треба да имате обзебедено финансирање, двете работи ги немаше и затоа цело време инсистиравме да постигнеме договор со Бугарија. Наместо времето да се троши за постигнување на договор, се трошеше за пропаганда, ама секоја пропаганда без основа завршува, какошто заврши оваа пропаганда – рече Николовски.

На новинарско прашање дали ќе продолжи изградбата на пругата, Николовски со одговор дека втората фаза од железничката пруга од Бељаковце до Крива Паланка ќе биде завршена, а рокот е до октомври 2026 година. Додека трета фаза ќе има смисла само доколку се поврземе со Бугарија. Тунел не може да се изгради до половина и, како што вели Николовски тоа никаде во светот го нема. Дециден е дека за трета фаза мора да има договор.