Предлогот за уставни измени со одложено дејство, експерти и многу челници на ЕУ го оцениле како извонреден. Ништо не губи никој, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова, посочувајќи дека во преговарачката рамка не пишува до кога мораме ние да ги направиме уставните измени.
Во однос на условот за уставни измени за почеток на преговори, Сиљановска Давкова вели дека никаде не пишува време, односно кога ќе влезе тоа во правно дејство.
-Ајде, ние гарантираме со тоа дека под други ќе ги внесеме и Бугарите, а тие нема да не кочат, за да може што побрзо да стапи во сила оваа измена и се разбира ние на тој начин ќе посегнеме по измената – изјави Сиљановска Давкова во интервју на Канал 5.
Таа нагласи дека како тогашна опозиција не биле консултирани и не ја виделе Преговарачката рамка и заклучоците за Францускиот предлог и дека доколку тогаш се повикувало на единство со опозицијата поинаков ќе бил односот.
За тоа дали се уште верува дека може да се променат овие заклучоци, Сиљановска Давкова, рече дека не може да каже, но и дека не може да прифати да ги повикува пратениците да гласаат за нешто што е спротивно на Договорот за ЕУ и на Лисабонскиот договор.
-Имам повеќе предлози, може интерпретација, упатство, во духот на она што е најважно – Копенхагенските критериуми, дека тие може да бидат основ за вето, меѓутоа разговори за историја, за идентитет, за култура, согласувања, несогласувања, апсолутно не може да бидат услов, изјави Сиљановска Давкова.
Прашана за средбите со бугарскиот претседател Румен Радев и бугарскиот премиер Росен Жељазков, и дали тие имаат разбирање за нашите загрижености како држава, претседателката рече дека не би се среќавала по вторпат со некого, ако не манифестира почит и интерес.