Невропатската болка може да се провоцира од физичка активност, но може да настане и во состојба на мирување. Неретко се јавува ноќно време, го буде пациентот од сон и сериозно го намалува квалитетот на живот на пациентот. Невропатската болка е повеќе од само болка, бидејќи често е здружена со промена на расположението (вознемиреност, депресија…) како и со пореметување на сонот
Автор: Д-р Фатљуме Адили Гонго, Здравствен дом Скопје, поликлиника „Јане Сандански“
Болката е непријатно сетилно и емоционално искуство, а се јавува како последица на оштетување на ткивата.
Болката може да биде ноцицептивна, невропатска и од мешан карактер.
Ноцицептивната болка може да се јави како последица на оштетување на кожата, мускулите или на сврзното ткиво, а и како вицерална болка која потекнува од оштетувањето на одредени органи. Таа не мора да биде локализирана, но може да биде проектирана на регија која не е оштетена.
Невропатската болка потекнува од нервните структури и може да биде централна и периферна, додека пак мешаната болка настанува како последица на комбинација на воспалителни и невролошки фактори.
Основната разлика помеѓу невропатската и ноцицептивната болка е тоа што невропатската болка настанува после лезија на периферниот или централниот нервен систем, додека ноцицептивната болка е всушност одговор на организмот на болните стимулуси од надворешната средина, и истите може да имаат воспалителна или невоспалителна причина. Пациентите кои страдаат од некој вид на невропатија најчесто се жалат на жарење, чувсто на лазење на мравки, трнење, пецкање, бодежи или студенило.
Постојат различни дефиниции за невропатската болка, но најшироко прифатена дефиниција е таа која ја опишува болката дека е предизвикана од лезија или болест на соматосензорниот систем. Соматосензорниот систем ги пренесува импулсите за допир, притисок, болка, температура, позиција, движење и вибрација. Соматосензорните нерви се наоѓаат во кожата, мускулите, зглобовите и фасциите, и ги опфаќаат терморецепторите, механорецепторите, хеморецепторите, прурирецепторите и ноцицепторите кои праќаат сигнали кон рбетниот мозок и кои евентуално стигнуваат во мозокот за понатамошно процесирање. Оштетувањата или болестите на соматосензорниот систем може да предизвикуваат променет или нарушен пренос на сензорните сигнали кон `рбетниот мозок и мозокот; најчести состојби кои се асоцирани со невропатска болка се постхерпетична невралгија, тригеминална невралгија, болна радукулопатија, дијабетична невропатија, ХИВ инфекција, лепра, ампутација, болка од оштетување на периферниот нервен систем и мозочен удар (во форма на централна пост-апоплектична болка).
Пациентите имаат широка палета на симптоми, меѓу кои најчести се печење и сензации налик на електрични сигнали, како и болка која се предизвикува од неболни стимулации (на пр. лесен допир). Симптомите опстојуваат и имаат тенденција да станат хронични. Пореметување на сонот, анксиозност и депресија се чести и сериозни кај пациентите со невропатска болка, и квалитетот на животот кај пациентите кои патат од невропатска болка е полош отколку кај пациентите со хронична неневропатска болка која не потекнува од ледирани нерви.
Хроничната невропатска болка е почеста кај жените (8 отсто во споредба со 5,7 кај мажите) и кај пациенти постари од 50 годии (8,9 во споредба со 5,6 отсто кај тие помлади од 49 години). Најчесто ги погодува грбот и долните екстремитети, вратот и горните екстремитети.
Лумбалната и цервикалната болна радикулопатија се најчестите причина за хронична невропатска болка.
Невропатската болка може да се испровоцира од физичка активност, но може да настане и во состојба на мирување. Неретко се јавува ноќно време, го буде пациентот од сон и сериозно го намалува квалитетот на живот на пациентот. Невропатската болка е повеќе од само болка, бидејќи често е здружена со промена на расположението (вознемиреност, депресија…) како и со пореметување на сонот. Асоцираните симптоми и хроницитетот доведуваат до намалување на квалитетот на живот и намалување на функционалноста на пациентот. Така се создава еден магичен круг поради кој се бара и помош од психијатар или психолог.
Централната невропатска болка е предизвикана од болести на `рбетниот мозок и/или мозокот. Најчеста причина е цереброваскуларна болест (постапоплектична болка) и невродегенеративни болести (најчесто Паркинсонова болест). Лезиите или болестите на `рбетниот мозок ги опфаќаат повредите на рбетниот мозок, сирингомиелија и демиелинизирачките болести како: мултипла склероза, трансверзен миелит и оптички неуромиелит.
Пореметувањата асоцирани со невропатска болка може да се поделат на тие што имаат генерализирана (претежно симетрична) дистибуција како што е таа асоцирана со дијабет, предијабет и други метаболни пореметувања (на пр. последица на болести на штитната жлезда), инфективни болести (главно ХИВ инфекција и лепра), хемотерапија, имунолошки (на пр. Guillain-Barre синдром) како и инфламаторни пореметувања, хередитарни, нутритивни (недостиг на витамини од Б-групата) невропатии и каналопатии. Болката кај овие пореметувања типично ги опфаќа крајните делови на екстремитетите, често по типот „ракавици и чорапи“, така што стопалата, листовите, рацете и подлактиците се најмногу афицирани. Оваа дистрибуција е карактеристична за дисталните невропатии кои опфаќаат дистален-проксимален прогредиентен сензорен губиток, болка, и поретко, слабост. Поретко болката има проксимална дистрибуција кога се опфатени трункусот, бутовите и надлактиците; овој тип се јавува кога се опфатени сензорните ганглии.
Болните фокални периферни пореметувања се предизвикани од патолошки процеси кои опфаќаат еден или повеќе нервни или нервни корени. Тука спаѓаат постхерпетична невралгија (пост-зостер невралгија), пост-трауматска невропатија, пост-хируршка невропатија, цервикална и лумбална полирадукулопатија, болката асоцирана со ХИВ инфекција, лепра и дијабет.
Невропатска болка и дијабет
Болната невропатска болка кај пациентите со дијабет се движи од 10% до 26% . Иако факторите на ризик и потенцијалните механизми кои се одговорни за невропатија се широко иследувани, етиологијата на болната дијабетична невропатија не е целосно позната. Студиите од епидемиолошките студии сугерираат дека пациентите со дијабет кои развиваат невропатија, во споредба со оние кои не развиваат, најверојатно имаат различна кардиоваскуларна функција, гликемиска контрола, телесна тежина, стапка на обезност, обем на струк, ризик за периферна артериска болест и плазма ниво на триглицериди. Пациентите со дијабет имаат промени во периферните и централните патишта на пренесување на болката; други механистички контрибутори се нестабилното ниво на гликемијата во крвта, покачен проток на крвта во обвивката на нервите, микроциркулацијата во кожата на стопалото, покачена таламична васкуларност и автономна дисфункција.
Невропатската болка е посебен и значаен клинички ентитет и може да се третира со лекови, но и со некои немедикаментозни методи. Лековите треба да бидат предложени исклучително од страна на лекар. Не треба да се земаат нестероидни антиинфалматорни лекови на своја рака, бидејќи тие не делуваат на невропатската компонента на болката.
Антидепресивите и антиепилептиците се најстудираните лекови кај невропатската болка и спаѓаат во прва линија на терапија. Помеѓу антидепресивите најупотребувани се трицикличните антидепресиви, како што е амитриптилинот, како и SNRI како што е дулоксетинот, чијашто ефикасност е потврдена кај различните состојби со невропатска болка.
Втора линија е лидокаинот, кој има дејство врз ектопичните невронски дешаржи преку блокирање на каналите на натриумот..
Ботулин токсинот A спаѓа во трета линија на терапија. Тој е потентен невротоксин кој вообичеано се употребува кај фокалната мускулна хиперактивност, и кој покажал ефикасност после повторувачка администрација во период од 6 месеци, со потенциран ефект по втората аплицирање. Токсинот има добар ефект во третманот на периферната невропатска болка (на пр. дијабетична невропатска болка, постхерпетична невралгија и тригеминалната невралгија). Опиодните агонисти, како оксикодонот и морфинот имаат благ ефект, освен тоа, нивната употреба носи ризик за предозирање, смрт и злоупотреба. Оромукозални канабиоди имаат различна ефикасност кај болката асоцирана со мултипла склероза како и кај периферната невропатска болка со алодинија, иако тоа не е поддржано во поголеми клинички студии.
Што се однесува до немедикаментозниот третман, тука се подразбира примената на физикална терапија и психотерапија.
Секако, истражувањето на невропатската болка доведе до напредување на терапевтските резултати, но постоењето на голем број на пациенти кои немаат задоволувачки резултати на постоечката терапија значи дека треба дополнително да се истражува овој важен клинички феномен.