Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ин мемориам: Киро Кипроски

Во саботата рано наутро длабоко ме потресе веста дека мојот пријател Киро Кипроски нѐ напушти засекогаш. Не сакав да поверувам дури и кога почнуваа да ми се јавуваат колеги и пријатели за да им ја потврдам веста дека нѐ напушти неуморниот хроничар, репортер, истражувач, кој повеќе од пет децении со своите текстови и фотографии беше присутен на страниците на „Нова Македонија“, но и воопшто во македонскиот медиумски простор.
Без разлика на суровата реалност, јас сакам да верувам дека Кипро не замина. Дека само се пресели малку повисоко, таму некаде над Галичник, за да ја продолжи својата недовршена книга за нему омиленото село. Кога и да се видевме откако ќе ми најавеше уште една ексклузивна репортажа или сеќавање на настаните откинати од богатата историја на ова мијачко село, како на шега ќе го прашав – уште колку вакви приказни имаш? – по што следуваше неговата шеретска насмевка, која кажуваше повеќе од зборовите. Потврда дека нема крај на овие текстови, кои редовно наидуваа на прекрасен одзив кај читателите, беше следниот телефонски повик за уште едно видување, на кое следуваше нова најава за уште еден новинарски бисер.
Така беше и со другите репортажи и сеќавања за Западна Македонија, за реканскиот крај, особено со непрегледната низа стории за Бигорскиот манастир, кои вешто ги чуваше во својата ризница и знаеше да го најде вистинскиот момент да ги преточи во новинарски текст. Токму во Бигорскиот манастир ја имав честа да промовирам две негови монографии, за и на тој начин да му оддадам јавно признание за неговото речиси шестдецениско творештво посветено, пред сѐ и над сѐ, на Македонија.
Сеедно дали Киро Кипроски пишуваше за патешествијата во Кина, низ Египет, Франција или Германија, секогаш Македонија и Македонецот му беа во преден план. Знаеше и во најоддалечената точка да најде некој нашинец или некоја асоцијација на нашите луѓе и случувања.
Беше одличен познавач на состојбите во македонското иселеништво, особено во Европа, а пред сѐ во Германија, бидејќи беше и директен сведок и учесник во некои од возбудливите случувања во западен Берлин, а потоа и низ другите европски метрополи во текот на осумдесеттите, па и деведесеттите години на минатиот век. Не сакаше да се става во преден план кога пишуваше или зборуваше за овие настани, иако за неговото присуство таму и комуникацијата со лидерите на македонската емиграција од она време доволно сведочат неколкуте впечатливи монографии посветени на ликови и настани од тој период.
Сите што го познаваа Кипро ќе посведочат дека беше навистина неуморен. Знаеше рано наутро да тргне од неговиот Гостивар и да дојде во Скопје, да се сретне со редица луѓе, да заврши десетина обврски, дел службени, дел приватни, и секогаш на крајот ќе најдеше време да седне на видување со пријателите. Како што имаше обичај да каже, „на по едно“. И тогаш на муабетите им немаше крај. А што е најважно, од тие средби редовно излегуваа договори за нови, следни текстови, со кои се нижеше низата новинарски бисери, кои редовно предизвикуваа големо интересирање кај читателите.
И кога веќе се навраќам на овој дел од нашето другарување во Скопје, не можам да се оттргнам од тажното сознание дека точно пред една година си замина уште еден собеседник од тие средби, долгогодишниот дописник на „Нова Македонија, Менде Младеновски, пријател, колега, соборец со Киро Кипроски. Соборец во борбата за вистината, за редовно информирање на читателите, но и човек со кого делеа многу заеднички карактеристики и интересирања. Судбината сакаше двајцата да заминат од овој свет во рок од една година на речиси ист датум.

Патувај мирно, Кипро…


Реобјава на текст на нашиот колега, другар и соработник за збогување

Од исконот до вечноста

Секој Петровден, на 12 јули, а така беше и вчера, во митскиот Галичник, кој е најблиску до небото (1.150 – 1.450 м), распослан на питомата Бистра Планина, ечат камбаните на црквите „Св. Петар и Павле“ и „Св. Петка“, во чест и слава на апостолот Свети Петар, заштитник и патрон на мијачкиот духовен, културен, општествен и економски центар.
Од постанокот на Галичник, во месноста Старо Село пред еден милениум, а потоа на сегашната локација, низ вековите Петровден бил и останал ден на радост, на веселби, на свадби, а носел бол и тага. Многу љубови беа крунисани со брак. Идните сопружници, пред бога и свештеникот, си ветуваат верност, за создавање цврсто, многудетно семејство. На Петровден се раѓаат нови љубови, симпатии и со нестрпливост го очекуваат да дојде нивниот Петровден. И така во недоглед, без крај, сѐ додека векот векува!
Во митскиот и магичен Галичник, и никаде на друго место на планетата Земја, Петровден е симболот на Галичките свадби, на македонскиот непокор и пркос. Хроничарите забележале дека на Петровден во 1921 година, пред олтарот на црквата „Св. Петка“ (Долна црков), застанале 51 брачна двојка да го изговорат судбоносното „да“ и да побараат благослов и да си дадат ветување дека ќе си бидат верни еден на друг додека постојат. Така било сѐ до шеесеттите години на 20 век, кога миграцијата село – град не го опустошила Галичник, некогаш најголемото село на Балканот, кое некогаш било и град.
Потврда за моќта на Галичник е изреката: „ГАЛИЧНИК СЕЛО ГОЛЕМО, В СТАНБОЛ НА ЌУТУК ПИШАНО“. Пред Втората светска војна, Галичник имал 800 куќи и околу 6.000 жители. Во педесеттите години на минатиот век, поради лошите услови за живеење и штетните закони на државата против сточарите, да им се одземе добитокот (овци, крави) и забрана за чување кози, што биле единствени извори за опстанок, галичани беа уништени и принудени да ги напуштаат татковските огништа, куќите палати, со тага, бол и јад да се иселуваат, да одат во градовите, да ја бараат среќата за подобра егзистенција. Галичник остана празен, пуст, без жители, без добиток, деновите му беа избројани да го снема од географската карта.
Група галичани фанатично вљубени во родното место, во 1962 година презедоа конкретна активност за спас на Галичник. Формираа Иницијативен одбор да осмисли туристичка културна манифестација, да ги негува и на пошироката јавност да ѝ ги презентира изворните народни песни, свадбарски обичаи и ритуали, галичката носија, уникатните ракотворби, фолклорот и сл. Така се роди првата атрактивна, уникатна и неповторлива туристичка – културолошка манифестација, манифестацијата „Галичка свадба“ на Петровден 1963 година, која викендов (14-16 јули) ќе го одбележи шеесетгодишниот јубилеј од основањето и одржувањето.
Јубилеј што по многу нешта ќе потсетува на свадбите и веселбите од пред еден век. Младоженците Оливер Шулевски (по потекло од Галичник) и Елисавета Булоска (по потекло од Охрид), облечени во прекрасна галичка носија, заедно со блиските и сватовите, на неколкуте илјади посетители, кои ќе дојдат од сите страни на светот, автентично ќе им презентираат триесетина свадбарски обичаи и ритуали, а секој обичај ќе биде проследен со пеење соодветна свадбарска песна. „Галичката свадба“ наликува на подвижен театар, главните актери и статистите се аматери, кои неколку дена ги „подготвуваат“ улогите, ги „играат“ со висок професионализам, на дваесетина локации на амфитеатрално поставени камени куќи, со неповторлива градба и архитектура на Галичник.
Што напиша Радован
Павловски во
монографијата „Галичник засекогаш“

Нашиот долгогодишен соработник Киро Кипроски, како ревносен хроничар, веројатно е единствениот од сите новинари и фоторепортери, како и од организаторите, што присуствувал на сите галички свадби, како манифестација, од 1963 година. За педесетгодишниот јубилеј од формирањето на туристичката манифестација „Галичка свадба“, Кипроски ја издаде монографијата „Галичник засекогаш“, луксузно колор-издание.
За значењето на „Галичката свадба“, за улогата што ја има одиграно за опстојбата, негувањето на традициите на Галичник, што ги обработува во монографијата „Галичник засекогаш“, пренесуваме дел од рецензијата на академикот, поетот Радован Павловски, што дава посебен приказ за големината и значењето на „Галичката свадба“.
„Монографијата претставува сублимат, кристал на духовните, националните и интернационални вредности во областа на преданијата, легендите, самобитноста и битието, со сета нејзина духовна и материјална градба на највисоко можно издржливо ниво, на темелите на современата македонска држава Република Македонија.
Осведочување на исконското, домородното, автентичното во зачувуваност, жив сестрано плоден корен на македонската Мијачија, Галичник на Македонија, низ вековите до сегашноста на опстојбата, неуништлива засекогаш, со зачуван идентитет на духовна, изворна татковинска, прапрадедовска, во тмурните мени и промени на транзицијата на галичка Мијачија македонска во духовна рамнотежа.
Хронологијата на Галичката петровденска свадба укажува на плодноста, размножувањето на битот, битието на праисконското материјално и духовно битие со призвук и предзнак на паганско античките димензии на свадбата на љубовта, младоста, песната, ритуалниот ритам на стапката на патот под нозе и на раката и шамивче над глава, високо кон сакралните, ѕвездени, телесни и духовни висови и во географска земјописна и описна висина, бележани, реално, рационално со точност и прецизност хронологијата на Богот и божественоста на Времето од страна на нејзиниот роднокраен автор, чедо на една од илјадниците Галички свадби, како по перо и позив современиот господин Киро Кипроски, ранобудник, рановесник, вестител…
Галичник на Петровден свадбува свадба над свадбите, врти ора над ората, пее песна над песните. Отсекогаш“…

Киро Кипроски, Галичник, 13.7.2023 година