Фото: Маја Јаневска-Илиева

НАЈЧЕСТИ ПРИЧИНИ ЗА ПОЖАР ВО ГРЕЈНАТА СЕЗОНА

  • Познавачите на состојбите укажуваат дека иако овие уреди се ефикасни за брзо загревање на просторот, тие може да претставуваат сериозен ризик од пожар доколку не се користат правилно

И официјално започна грејната сезона за корисниците на централно греење, но треба да се истакне дека кај нас сѐ уште голем дел домаќинства овие денови користат алтернативни извори на греење, како што се греалки, клима-уреди, радијатори или други грејни елементи. Познавачите на состојбите укажуваат дека иако овие уреди се ефикасни за брзо загревање на просторот, тие може да претставуваат сериозен ризик од пожар доколку не се користат правилно.
Особено е сериозна опасноста од користењето печки и шпорети на дрва, ако притоа не се одржува прописно целиот систем. Стојан Илиевски, еден од последните активни оџачари, долги години се соочува со овие проблеми во текот на својата работа. Опасностите од пожар и труење со гасови од чадот, според него, може да се избегнат со редовно одржување на грејните елементи и кога огревното дрво е подготвено навреме.

– Проблемите почнуваат кога дрвото е влажно, а чадот, испарувањето, се лепи на оџаците. Но, тоа не е случај кога дрвото е суво. Токму таа фина прашина што се создава тука во оџакот, се претвора во опасна и лесно запалива смеса. Затоа, пак, кога дрвото е суво, тоа не може да се создаде во оџакот, а притоа и оџакот треба и грејниот елемент треба да се исчистат навреме, без разлика дали е шпорет, котел, печка, не е важно што е. Битно е целиот тој систем да биде исчистен за да се избегнат несакани последици, на кои сме сведоци во нашето секојдневие – вели Илиевски.
Од друга страна, експертите за пожари укажуваат дека покрај неисправните оџаци, најчести причини за пожари во текот на грејната сезона се невниманието при горење, неправилната употреба на електрични грејачи и употребата на несоодветни продолжни кабли.
Дури и клима-уредите со оштетени инсталации може да предизвикаат краток спој, додека старите и дотраени електрични инсталации, во комбинација со големите потрошувачи на електрична енергија, претставуваат сериозна опасност, укажуваат експертите. Искуствата на противпожарните и спасувачките единици покажуваат дека со почетокот на грејната сезона има зголемување на бројот на пожари во станбени и други објекти. Затоа тие апелираат до граѓаните да бидат внимателни.

– Граѓаните треба да ја проверат исправноста на нивните оџаци, да ги исчистат прописно, да бидат внимателни кога користат печки на цврсто гориво, да бидат внимателни кога користат греалки и други грејни елементи, да користат соодветни електрични спроводници и да не оставаат облека и лесно запаливи материјали во близина на грејните елементи. Исто така, не оставајте ги малите деца без надзор во затворени простори – укажуваат експертите.
Дополнителна опасност на која укажуваат тие за да се намали ризикот од пожар, на која треба да се внимава, е фрлањето на пепелта. Таа мора да се чува во метални садови, бидејќи може да предизвика пожар дури и кога е оладена.
Очигледно грејната сезона бара дополнително внимание и одговорност. Со редовно одржување и претпазливост, ризикот од пожар може значително да се намали. Н.М.