При вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство на инспектори од Град Скопје, потврдено е дека емисиите од производниот процес во Цементарница УСЈЕ се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница УСЈЕ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат – истакнаа во изјава од УСЈЕ.
Оттаму објаснуваат дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребувало мазут, што според компанијата е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната Еколошка Дозвола. При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој велат дека не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, било регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата.
– Оттука, неосновано е врз основа на еден параметар каде што беа утврдени повисоки вредности, да се носи заклучок дека компанијата е виновна за состојбите со загадувањето. Во тек е постапка со надлежната институција, во чии рамки ќе се разгледаат сите релевантни аспекти – велат од компанијата.
Се додава дека во меѓувреме веднаш биле имплементирани препораките на Инпекторатот и направена замена на енергенсот со природен гас, но според компанијата, за разлика од УСЈЕ, многу јавни објекти во градот продолжуваат да користат мазут за загревање, а јавноста не е информирана дали на овие објекти се вршат какви било мерења.
– Покрај тоа мерењата направени на 3. и 4. јануари 2023 во кругот на Цементарница УСЈЕ, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисиони точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница УСЈЕ е дури и помала од други мерни места во градот Скопје и во другите градови во земјата, се потенцира во изјавата.
Тврдењата дека УСЈЕ со својата работа и претходно влијаел на загадувањето во главниот град, компанијата ги толкува како целосно невистинити, затоа што, како што се вели, тоа го потврдуваат сите нивни извештаи кои се доставувани до институциите, како и, според нив, независните мерења од акредитирани лаборатории.
– Со оглед на фактот, дека во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации кои не се поткрепени со факти или со научни докази, а во насока на заштита на вистината, ние ќе покренеме соодветна правна постапка пред надлежните органи, велат од УСЈЕ.
Од Град Скопје денеска информираа дека поднеле кривична пријава против цементарницата „Титан Усје“ во која одговорност освен од правното, се бара и од одговорното лице – Борис Хрисафов, кој како надлежен за спроведување на обврските кои произлегуваат од А-Интегрираната дозвола која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, не се придржувал кон истите обврски за максимално дозволените граници на испуштање на штетни гасови во амбиенталниот воздух.
Според Градот, компанијата испуштала значително поголема концентрација на ПМ10 честици од котлите за загревање кои работеле на мазут, наместо на природен гас, при мерењата извршени на 3 и 4 јануари. Односно, наместо дозволениот максимум од 50 микрограми/ м3, од оџакот се испуштале 121 микрограми/м3 секој час.