Потребни се едукација и превенција за сите, со цел зачувување на здравјето на секој поединец во нашата заедница. Знаењето да се даде прва помош значи дека не само што сме подготвени да дејствуваме при несреќи туку ни помага да се справиме со несреќите со самодоверба. На 13 септември, Црвениот крст на град Скопје ќе одбележи 80 години постоење во Градскиот парк Скопје, при што ќе се одбележи и Светскиот ден на првата помош преку промовирање на знаењето и вештините за прва помош
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПРВАТА ПОМОШ – 13 АВГУСТ
Секоја година во втората сабота од септември низ светот се одбележува Светскиот ден на првата помош. Целта на овој ден, кој годинава е на 13 септември, е да се издигне свеста за важноста на обуката за прва помош и за тоа како таа може да спаси животи во итни ситуации. Овој ден е посветен на промовирањето на знаењето и вештините за прва помош меѓу општата јавност, поттикнувајќи ги луѓето да бидат подготвени да помогнат во секоја итна ситуација, уште е потсетник дека првата помош е витален хуманитарен чин што секој може да го изврши за да се спречат повреди и да се спасат животи.
Првата помош треба да биде секојдневие за секого, бидејќи се применува во секој сегмент во животот: дома, на работа, на училиште… Со оглед на нејзината важност, донесени се и законски регулативи со кои се обврзуваат пред сѐ кандидатите за возачи, a понатаму и лицата во работни организации за задолжително посетување обуки и едуцирање за тоа кои се основите на првата помош и како да укажат прва помош во случај на потреба.
Првата помош е секојдневна активност од постоењето на Црвениот крст на Република Македонија (РМ), кој неодамна одбележа 80 години постоење. Во Македонија, обучувањето и полагањето за прва помош се врши преку општинските организации на Црвениот крст на Република Македонија (РМ). Во Град Скопје тоа се врши преку Центарот за обука по прва помош при Црвениот крст на град Скопје, кој како организациона единица почна со работа на 28 декември 2020 години. Центарот за обука по прва помош на градот Скопје е концентрирана форма за едукации и обуки на територија на градот Скопје, кои претходно се вршеа во рамките на: Црвениот крст – Центар, Црвениот крст – Кисела Вода, Црвениот крст – Карпош, Црвениот крст – Чаир и Црвениот крст – Гази Баба.
Значењето на работата на Центарот за обука по прва помош при Црвениот крст на град Скопје и на општинските организации на Црвениот крст на РМ е многу важно и поради тоа што, од секојдневието и праксата, е познато дека првата помош не секогаш се укажува од странa на медицински лица, бидејќи во секојдневните несреќи и вонредни ситуации обичните луѓе често се принудени да укажат прва помош за да спасат нечиј живот.
Тимот, во рамките на Центарот за обука по прва помош при Црвениот крст на град Скопје, е составен од седум лица (координатор Никола Блажевски, доктор Емилија Чутаноска и пет администратори), кои се задолжени за целокупна организација на обуките и едукациите на темата прва помош, пред сѐ, во согласност со законските регулативи. Овој тим ја врши оваа мошне благородна и општествено многу потребна и корисна дејност во соработка со секретарот на Црвениот крст на град Скопје, доктор Сузана Тунева Пауновска. За реализација на обуките моментално се на располагање 60 доктори предавачи, кои се задолжени за стручно предавање и едуцирање на кандидатите што посетуваат обуки за прва помош и 30 демонстратори парамедици, кои се задолжени за практичниот дел и изведувањето на првата помош во пракса. Обука по прва помош може да посетува секое лице со 15 години.
Црвениот крст на град Скопје денеска ќе одбележи 80 години постоење со целодневен отворен настан од 10 до 22 часот за сите граѓани под името „Хумана зона“ – влези со срце, излези со насмевка во Градскиот парк Скопје – фонтана Лотус, со програма приспособена за сите граѓани. На самиот настан ќе се одбележи и Светскиот ден на првата помош преку промовирање на знаењето и вештините за прва помош на штандот по прва помош, со цел издигнување на јавната свест за важноста на првата помош и како таа може да спаси живот. По тој повод разговаравме со вработени во седумчлениот тим на Центарот за обука по прва помош при Црвениот крст на град Скопје, како и со нивната соработничка д-р Сузана Тунева Пауновска.
– Дали имате, може и неофицијални, сознанија за тоа дали поголемиот дел од населението во Македонија е обучен за давање прва помош?
Со законот е предвидено, најмалку четири проценти од целокупното население да биде обучено да дава прва помош при различни ситуации. Постојат многу правни субјекти и физички лица што се обучуваат за да стекнат знаења и вештини за давање прва помош, независно што некои од нив веќе претходно ги стекнале на обуките за добивање возачка дозвола, вели д-р Емилија Чутаноска.
– Дали сметате дека е пожелно секој да биде обучен за давање прва помош?
Првата помош како вештина што секогаш може да го спаси сопствениот живот, животот на повредениот и на преостанатите, неопходно е да ја знае секој, независно од возраста и полот, вели Никола Блажевски.
– Дали треба, значително, да се издигне јавната свест во Македонија за давање прва помош и за спасување животи во секојдневни и кризни ситуации?
Важно е сите да имаме сериозен пристап кога станува збор за првата помош – и институциите, и медиумите, и училиштата, но и сите учесници во сообраќајот (вклучувајќи возачи, пешаци, велосипедисти…). По настанување на несреќите, веќе е доцна за различни видови едукации и зајакнување на личните и колективните капацитети што имаат цел да ја намалат нивната сериозност. Потребно е сите да се насочиме кон едукација и превенција, со цел зачувување на здравјето на секој поединец во нашата заедница. Една од улогите на Црвениот крст е градење кохерентни заедници, подготвени да дејствуваат во случај на одредени кризи. Тоа можеме да го постигнеме само доколку навремено се подготвуваме и го едуцираме населението, објаснува Сузана Т. Пауновска.
– На кои начини овој центар ги промовира заложбите за поседување знаење и вештини за укажување прва помош кај пошироката јавност?
Центарот за обука по прва помош како организациона единица на Црвениот крст на град Скопје, во пошироката јавност ги промовира заложбите за поседување и вештини за укажување прва помош преку своите редовни активности: настава по прва помош за учениците од основни и средни училишта, кои ќе можат на своите соученици во случај на итност да им дадат прва помош, организирање натпревари по прва помош, одбележување на Светскиот ден на првата помош, одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи, едукација по прва помош за возачи на моторни возила, едукација по прва помош на работното место за кандидати од јавните и приватните претпријатија, развој на настава по прва помош адаптирана на потребите на специфични целни групи (деца од претшколски возраст, деца од основните и средните училишта, спортски клубови, граѓански здруженија, популација од руралните области, лица со посебни потреби итн.), организирање висококвалитетна едукација за волонтерскиот кадар на Црвениот крст на Р Македонија, кој учествува во обуките и активностите од областа на првата помош, континуирано дејствување на полето на безбедноста во сообраќајот преку градење оперативни сојузи на локално и национално ниво со владините и невладините организации, обуки по прва помош за сите заинтересирани граѓани, потенцира Никола Блажевски.
– Дали потребата за знаење прва помош најмногу доаѓа до израз при сообраќајните несреќи со потешко повредени и при некои природни непогоди (катастрофи)?
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата јасно ги дефинира должностите во случај на сообраќајна незгода кога лице ќе се затекне или ќе наиде на место на сообраќајна незгода во која има повредени лица, кога има учесник во сообраќајна незгода каде што има загинато или повредено лице или настанала голема материјална штета, како и во случај кога настанала мала материјална штета. Законот за безбедност и здравје при работа во делот за обврски на работодавецот налага на секое работно место и во работни простории во кои истовремено работат до 20 вработени најмалку по еден од нив да биде оспособен и одреден да дава прва помош, а над овој број на секои 20 вработени најмалку уште по еден. Доколку се почитува овој член од законот, населението ќе биде поподготвено да дава прва помош и при природни непогоди, вели д-р Емилија Чутаноска.
– Што е најважно кога се дава прва помош?
Целта на првата помош е да му се спаси животот на повреденото лице, со тоа што лицето што ја дава првата помош е најважно во таквата ситуација. А тоа значи, да внимава на себе и да не се изложува на ризици и опасности затоа што доколку се повреди, нема кој да спасува во ситуацијата. Понатаму, да направи добра процена на местото на несреќата, да повика помош доколку има некој околу, да направи преглед и да тријажира и, доколку има потреба, да се јави на бројот 112, посочува Никола Блажевски.
– Дали би сакале да истакнете нешто дополнително за давањето прва помош?
Сите треба да разберат дека првата помош е важна во секојдневниот живот, затоа што нѐ одржува безбедни и здрави сѐ до пристигнувањето на итната медицинска помош и исто така игра голема улога за да се спречат несреќи. Знаењето да се даде прва помош значи дека не само што сме подготвени да дејствуваме при несреќи туку ни помага да се справиме со несреќите со самодоверба, сигурни дека и ние сме безбедни и луѓето околу нас. И затоа ве повикуваме да ги освежите вашите знаења со посета на обуките по прва помош во Центарот за обука по прва помош при Црвениот Крст на град Скопје, апелира д-р Емилија Чутаноска.
Живко Здравкоски