Фото: „Нова Македонија“

Што констатираат странските институции УНЕСКО, ОЕЦД и Евростат за македонското образование? Тие констатираат дека наставните програми не се соодветно приспособени за дипломираните студенти да стекнат потребни вештини за да одговараат на пазарот на побарувачка на работна сила.
Во последните две децении се забележува забрзано проширување на системот за високото образование во земјата. Во 2017 година имало 22 високообразовни институции споредено со само пет во 2003/2004 година (УНЕСКО-ИБЕ). Тоа проширување на системот за високото образование продолжува и во 2021/2022 година. Така што Република Македонија има 24 високообразовни институции.
Ширењето на понудата се отсликува во зголемената бруто-стапка на запишување, од 15 отсто во 1991година на над 40 отсто во 2015 година (УНЕСКО). Меѓутоа брзиот пораст не е придружен со значителна контрола на квалитетот. Програмите во високото образование се одликуваат со мала селективност. Сите ученици што ја положиле државната матура (со стапка од 94,3 отсто положена матура за 2017 година кај учениците од гимназиите) може да се запишат на факултет, а квотите за државно финансирање се особено високи. Брзото проширување на високото образование, во период кога резултатите на Република Македонија на меѓународните оценувања се и понатаму многу ниски (меѓународни процени на образовниот систем ТАЛИС 2022, ПИСА 2022), укажува дека учениците се запишуваат на факултет со големи празнини во основните знаења и вештини и без компетенции што се неопходни за успешно напредување на ова ниво.
Исто така постои загриженост поради тоа што програмите во високото образование не ги отсликуваат потребите на пазарот на трудот. Самиот податок укажува дека дипломираните студенти од високото образование во Република Македонија е помалку веројатно да се вработат (55 отсто), Евростат, 2017, отколку студенти од високото образование во земјите на ЕУ (83 отсто), ОЕЦД, 2017.
Образложение за високата невработеност кај дипломираните студенти од високото образование се слабите вештини или вештините што не се совпаѓаат со потребите. Еден фактор што придонесува за тоа се ограничената разновидност во понудата на програми за високото образование и особено малиот број висококвалитетни технички опции во високото образование. Од таа причина, голем број ученици што завршиле средно стручно образование продолжуваат со изучување академски предмети во високото образование.
Во 2022 година јавната потрошувачка за образование и обуки изнесувала 3,7 отсто од БДП, што е приближно на просекот на државата од претходните пет години, но и под нивото на ЕУ (пет отсто).
Во услови на ваква бесмислена конкуренција во земја со толку мала популација, сосема е очекувано да дојде до драстичен пад на квалитетот на високото образование, на кој сведочиме сите, без особена потреба од експертска анализа за докажување на оваа теза.

Статистички податоци на Државниот завод за статистика во однос на наставно-научниот и соработничкиот кадар

Состојбата во високото образование, според статистичкиот однос на Државниот завод за статистика (ДЗС) за бројот на наставници и соработници во државните високообразовни установи, во академската 2023/2024 изнесува 4.656. Од вкупниот број наставници и соработници, 3.264 или 70,1 отсто се наставници и 1.392 односно 29,9 се соработници во наставата, а бројот на жени наставници и соработници во учебната 2023/2024 година изнесува 2 361 или 50,7 отсто.
Бројот на запишани студенти на државните и на приватните високообразовни установи од 2008/2009 година е 63.437 студенти, додека во 2023/2024 е 52.316, или 11.119 помалку запишани студенти. Од ова може да се констатира дека во 2023/2024 се запишани вкупно 52.316 студенти, што претставува намалување за 2,8 отсто во однос на академската 2022/2023 година, кога се запишале 53.821 студент. Најголем број студенти (77,9 отсто) се запишале на државните високообразовни установи, додека 22,1 отсто се запишале на приватните високообразовни установи. Бројот на запишани студенти е 30.704 или 58,7 отсто. На прва година на студии во академската 2023/2024 се запишале 15.330 студенти или 29,3 отсто (опфатени се студенти што запишуваат прва година по втор, трет и повеќе пати).
Статистичките показатели од ДЗС на вкупниот број на ученици во основните училишта во 2009/2010 се 210.381 ученик, додека во 2023/2024 се 182.124 ученици, односно разликата е 28.257 ученици помаку. Додека вкупниот број на ученици во средното во 2009/2010 бил 95.343 ученици, во 2023/2024 биле 67.278 ученици, односно разликата е 28.065 помалку ученици. Може да се констатира дека податоците се поразителни и покажуваат дека во Република Македонија помалку од половина од учениците од средно образование продолжуваат во високо образование и споредено со државите во регионот Република Македонија е на самото дно.
Од предлог-националната програма за научноистражувачка дејност (НИД) констатирам дека:
• Состојбата во НИД во нашата држава е особено загрижувачка во однос на научноистражувачките подрачја од буџетските средства, научноистражувачката инфраструктура, како и во однос на кадровските ресурси посветени на науката и истражувањето.

• Мрежата на јавни и приватни научни установи ја сочинуваат шест државни универзитети, девет јавни научни установи, единаесет приватни универзитети, седум високи стручни школи, три странски високообразовни установи, дваесет и шест приватни научни установи и шест самостојни истражувачи.
• Буџетот за наука во 2022 и 2023 година е значително зголемен во споредба со 2021 година, повторно се намалува во 2024 година (од 1,3 милион евра во 2021 година на 3,6 милиони евра во 2023 година и 2,6 милиони евра), но бележи значително зголемување во 2025 година (10,9 милиони евра, односно 4,5 милиони за поддршка на науката преку конкурси, контрибуции и сл.). Сепак, општо земено, инвестициите во истражување и иновации и понатаму остануваат ниски, со 0,38 отсто од БДП, додека учеството на приватниот сектор во целокупното истражување е уште помало и изнесува 0,1 отсто од БДП. Расходите на економијата за истражување и иновации во долг временски период се значително под просекот на ЕУ (2,27 отсто од БДП, со цел да се достигне 3 отсто од БДП).
• Загрижува што, според Европската Унија, во Република Македонија не се забележува напредок во однос на Европската повелба за истражување… Согледбата дека постои недоволна грижа за состојбите во НИД е поизразена и понагласена во споредба со високото образование затоа што аргументирано може да се одбранат тезите дека НИД е во голема мера запоставена, законски е несоодветно регулирана, постои неусогласеност на ЗВО и ЗНИД. Државата не покажува елементарна подготвеност да се пристапи сериозно кон развојот на НИД и таа не се сфаќа како предуслов за унапредување на науката, како апликатива на научните достигнувања, ниту како подадена рака кон економијата и потребите на пазарот на трудот и на неа не се гледа како можност за симбиоза помеѓу студиските програми, научноистражувачките проекти и потребите на индустријата и стопанството.
• Ако се погледне Стратегијата за образование 2018-2025 година на МОН, во која не е предвидена никаква обврска на државата во однос на вложувањето во науката, укажува дека креаторите на образовните политики треба да разберат дека високото образование и научната работа се целосно нераздвојни и се само два аспекта на еден ист феномен. Реформите на научноистражувачката дејност и високото образование се всушност еден ист процес. На пример, според бројот на научни трудови објавени во списанија индексирани во базата СКОПУС, Македонија се наоѓа на самото дно, дури и во споредба со земјите од регионот како што се Србија, Хрватска, Словенија и Бугарија… Состојбата со нивото на развој на научноистражувачката дејност може да се мери и според рангирањето на универзитетите во Македонија на светските ранг-листи (Рангирање на светските универзитети за рангирање на „Times Higher Educstion“, Академско рангирање на светските универзитети на шангајскиот универзитет „Џао Тонг“ (познато како Шангајска листа), рангирање на Вебометрикс). Оттука, според светската интелектуалната мисла, под поимот квалитет на високото образование всушност се подразбира квалитет на научноистражувачката дејност.
Од горенаведеното, констатација и заклучок се дека се потребни коренити реформи во високото образование и заемност во сферата на научноистражувачката дејност поради образовно-научната визија на Македонија.

крај

Ѓорѓи Илиевски

Авторот е виш просветен инспектор во пензија