За одговорните има многу прашања за да одговорат каде се наоѓаат нашите македонски универзитети на светските ранг-листи. За жал, академските рангирања на светските универзитети покажуваат дека македонските универзитети се наоѓаат на маргините по квалитетот и евалуацијата. Зошто? Во потрага по одговорот, предлагам нашите надлежни институции најпрвин да започнат непосредни посети на приватните или државните универзитети во Македонија и да видат како се применува/не применува Законот за високо образование и Законот за научноистражувачката дејност, како работи/не работи и дејствуваат Агенцијата за квалитет на високото образование и нејзините одбори, која е донесена со новиот ЗВО („Сл. весник на РМ“ бр. 82/2018) на 8.5.2018 година. Теоретски убаво составено во ЗВО. Исто како што е убаво составен и законскиот рок за формирање на оваа агенција (една година од стапувањето во сила на новиот ЗВО од 2018 година), со рок 16.1.2020, кој длабоко го прегазија надлежните институции во високото образование во нашата земја. Одговорните во МОН треба да изградат визија за развој и видлива одговорност за преземените чекори.
Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност
започна со работа со задоцнување од повеќе години
Со актуелниот Закон за високо образование (ЗВО), на 8.5.2018 година се формира Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност (Националниот совет). Тој е самостоен во својата работа и одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност (види повеќе во ЗВО, чл. 41, 42, 43 и 44). Националниот совет се формира и започна со работа на 10.6.2021 година (со задоцнување од некаде три години од донесениот ЗВО). Ова доволно говори за „сериозноста“ на надлежните институции за образованието, науката… Истиот тој е составен од 15 члена, кои ги избира Собранието на Република Македонија, и тоа: шест члена од професорите во работен однос на универзитетите во Република Македонија што се избираат по предлог на Интеруниверзитетската конференција, секој од нив е од различно научноистражувачко поле од прво ниво според меѓународната Фраскатиева класификација (природно-математички науки, техничко-технолошки науки, медицински науки и здравство, земјоделски и ветеринарни науки, општествени науки и хуманистички науки), шест члена од професорите во работен однос на универзитетите во Република Македонија што се избираат по предлог на Владата на Република Македонија (читај партиски лица на СДСМ-ДУИ), еден член по предлог на МАНУ, еден член од деловната заедница и еден член од редот на студентите. По предлог на Интеруниверзитетската конференција се избира претседател на Националниот совет во мандат од две години, а сега со Националниот совет како претседател раководи професор д-р Гордана Лажетиќ од Правниот факултет при УКИМ-Скопје.
Со задоцнување од повеќе години, Националниот совет за високо образование и научноистражувачката дејност на 26.9.2024 година одржа јавна расправа (со претставници од академската фела на универзитетите), при што ги предложи и разгледа предлозите – за Национална програма за високо образование и Национална програма за научноистражувачка дејност (НИД).
Што констатирам од предлогот на националните програми?
Читајќи ја подготвената предлог-национална програма за високо образование, констатирам дека:
• Имплементацијата на Стратегијата за образование 2018-2025 е оценета како бавна, а се констатира и дека нема соодветен развоен систем за мониторинг на остварувањето на стратешките определби.
• Во Република Македонија заклучно со 1.6.2024 година, мрежата на високообразовни установи (ВОУ) ја сочинуваат вкупно 32 установи и тоа: шест државни универзитети, еден приватно-јавен универзитет и 25 приватни универзитети и високи стручни школи. Во институционална смисла, обезбедување, оценување, развој и унапредување на високото образование се остваруваат преку активностите на неколку тела и органи. Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност (НСВОНИД) се формира заради обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научноистражувачката дејност и како самостоен орган за првпат беше конституиран на 10.6.2021 година, со што беа донесени сите подзаконски акти што влегуваат во надлежност на Националниот совет.
• Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО) е особено значајна како самостоен стручен орган, која е запишана во Централниот регистар на РМ на 16.1.2020 година. АКВО е придружна членка на Европското здружение на квалитет во високото образование (ENQA). Во рамките на Агенцијата функционираат Одборот за акредитација (ОА) и Одборот за евалуација (ОЕ), кои во мај 2024 година се конституираа со „нов персонален состав“ (читајте старо-нов персонален состав).
Во претходниот период (читајте старо-нов персонален состав) се забележуваше интензивен процес на акредитација без вклучување надворешни рецензенти во стручните комисии и целосна инертност на претходниот состав на Одборот за евалуација, кој не спроведе ниту една евалуација. Мојата констатација, а тоа го говори практиката, е дека „новиот персонален состав е со исти луѓе, пред сѐ партиски, има персонални промени на лицата од ОА во ОЕ и обратно“ и се работи селективно и дискриминирачки. Конкретниот пример доволно говори за несериозност и додворување: Новиот претседател на Одборот за акредитација, Марјан Ѓуровски, спротивно на надлежностите во ЗВО, си дозволува дискриминаторски за одделни факултети да доставува предлози за надворешна евалуација и да прејудицира донесување одлука за одземање лиценца, дури и за програми за кои лично тој ставил потпис?! Така, на седница одржана на 17.6.2024 година, поднесува писмен предлог до Националниот совет за високо образование и Одборот за евалуација на високото образование, со предмет: Иницијатива/барање за поведување вонредна евалуација и постапка за одземање на правото за вршење високообразовна дејност на високообразовни установи… повикувајќи се на членот 84 од Законот за високо образование („Сл. весник на Република Македонија“ бр .82 од 8 мај 2018). Во барањето се наведува дека Одборот за акредитација на високото образование (ОАВО) може да поведе постапка за одземање на правото за вршење високообразовна дејност на високообразовната институција. Во насока на исполнување на оваа законска функција, а поаѓајќи од утврдената состојба (селективна, тие се акредитираат уште од 2018 г. и порано, м.з.) при разгледувањето на елаборатите за акредитација на студиските програми, ОАВО констатираше суштинско неисполнување на барањата утврдени со ЗВО и подзаконските акти донесени од Националниот совет на високото образование (НСВО), заради што Одборот за акредитација (ОА) на својата седница, одржана на 17.06.2024 година, одлучува да иницира постапка за вонредна евалуација (напоменувам, досега, од 2018/2019 г., не извршиле никаква евалуација на високообразовните установи во Македонија) и постапка за одземање на правото за вршење високообразовна дејност на следните високообразовни установи: Меѓународниот универзитет Струга во Струга, Единици на Универзитетот Скопје-Скопје, Високата стручна школа Факултет за бизнис економија-Скопје, Приватниот научен институт за бизнис-економија- Скопје и МИТ-универзитетот Скопје.
Од горенаведената иницијатива/барање потпишана од претседателот на ОА, Марјан Ѓуровски, се гледаат селективност и додворување кон новата влада, дека нешто работи овој Одбор за акредитација и, смешно, од „зимскиот сон“ го буди и Одборот за евалуација (кои постојат во согласност со ЗВО донесен во 2018 година, со задоцнување од шест години), да направи вонредна евалуација-вреднување. Ова е срам! Сите од Одборот за акредитација и во Одборот за евалуација треба да бидат сменети. Еве зошто.
Дали другите универзитети ги исполнуваат условите утврдени во членот 61 став 1 алинеја 4 и членот 62 став 1 на овој закон за вршење високообразовна дејност?
Им го поставувам прашањето: Дали другите универзитети ги исполнуваат условите утврдени во членот 61 став 1 алинеја 4 и членот 62 став 1 на овој закон за вршење високообразовна дејност? Проценете сами.
– На Универзитетот за информатички и технолошки науки (УИНТ)-Охрид: Има само 17 лица наставен кадар и дел несоодветен, спротивно на чл. 61 став 1 алинеја 4 од ЗВО, поднесени му се кривични пријави до ОЈО, незаконски и нестатутарен објавен јавен оглас за избор на ректор, незаконски избркана професорката д-р Устијана Речковска Шикоска.
– Универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје: Нема наставен кадар во согласност со чл. 61 став 1 алинеја 4 од ЗВО…
– Единици на Универзитетот Тетово-Тетово: Доволно говори меѓународниот скандал на УТ-Тетово, односно на Медицинскиот факултет, кои се откриени преку истражувачката сторија и публикација на италјанскиот „Веритас“ по однос на разни докторати плагијати кај одредени професори на Медицинскиот факултет, каде што се наведени примери од седум лица наставен кадар на овој универзитет, дипломи и друго…
– УЈИЕ-Тетово, негови единици: Скандалот со Правниот факултет на Универзитетот, незаконски станаа обвинители, пример синот на Таљат Џафери, избор за ректор и други незаконитости…
– Приватниот универзитет ФОН: Нема наставен кадар во согласност со чл. 61 став 1 алинеја 4 од ЗВО, истиот овој универзитет го предлага за Нобелова награда поранешниот премиер Зоран Заев…
– Славјанскиот универзитет – Свети Николе – Битола: Нема наставен кадар во согласност со чл. 61 став 1 алинеја 4 од ЗВО, просветни инспектори завршуваат Правен факултет за нецели две години…
– Американ колеџ – Скопје: Универзитетот на Пендаровски, Ковачевски…
– Единици на УКЛО-Битола: ТТФ-Велес, Ветеринарниот факултет, да се испита наставниот кадар во согласност со чл. 61 став 1 алинеја 4 од ЗВО.
– Приватниот Визион универзитет – Гостивар: Нема никаква ревизија, како работат, нека одговорат од МОН и ОА и ОЕ.
– Приватниот Европски универзитет – Скопје: Според последните информации, има сериозен недостиг од кадар, а работи и е во најголема близина до МОН и ДПИ. Нивната ректорка, спротивно на ЗВО, е член на градската организација на политичка партија.
– Балканскиот универзитет – Скопје….
Од квалитативниот пристап во работата на овие тела и без прифаќање на принципот дека без евалуација не може да дојде до реакредитација, не се можни реформи во високото образование. Се забележува експанзија на бројот на акредитирани високообразовни институции во Македонија. За споредба, во соседна Србија, која има трипати повеќе население (6.664.449 жители во 2022 година), има вкупно 17 универзитети, од кои осум се јавни и девет приватни универзитети, со вкупно 116 акредитирани факултети. Во Литванија, која пред 15 години имала 210.000 студенти, а во 2023 година 100.000 студенти, има 14 јавни универзитети, осум приватни и еден кампус на Полскиот универзитет.
Релативно високиот број на ВОУ со оглед на големината на населението, особено приватни ВОУ, кои апсорбираат помалку од 20 отсто од целокупниот број на студенти, создава загриженост за ефикасноста и квалитетот на образованието што се нуди, а се заканува да го влоши фискалниот простор за реформи.
продолжува
Ѓорѓи Илиевски
Авторот е виш просветен инспектор во пензија