Триесет и една година од смртта на Благоја Корубин: Потсетување на делото на еден од најистакнатите македонисти

  • Корубин, преку рубриката „Јазично катче“ во весникот „Нова Македонија“, цели 30 години ја популаризираше правилната употреба на македонскиот јазик

Благоја Корубин е еден од најистакнатите повоени македонисти, јазичар практичар и еден од столбовите на македонската лексикологија и стандардниот македонски јазик. Немерлив е неговиот придонес кон градењето и одржувањето на јазичната култура и јазичната свест за македонскиот јазик, особено преку рубриката „Јазично катче“ во весникот „Нова Македонија“, во која цели 30 години ја популаризираше правилната употреба на македонскиот јазик. Неговите практични и стручно втемелени совети и јазични поуки служеа со децении како главен извор за подобрување на јазичната култура кај говорителите на македонскиот јазик. Денес, на 17 февруари, се навршуваат 31 година од смртта на Корубин и по овој повод „Нова Македонија“ ги реактуализира неговите заложби за свесно интервенирање во јазичната област, за барање и изнаоѓање творечки решенија за сите проблеми и дилеми во секојдневната употреба на стандардниот македонски јазик. Благоја Корубин постојано е актуелен со своето македонистичко дело и денес, во заложбите за зачувување на мајчиниот јазик во секојдневната говорна комуникација, во медиумите, јавноста, како и во политичката комуникација.
Корубин ставаше посебна нагласка на јасноста и правилноста во употребата на македонскиот јазик. Во текот на сите три десетлетија додека го уредуваше „Јазичното катче“ во „Нова Македонија“, нему му се јавуваа голем број луѓе со најразлични прашања и со молби за решавање одредени јазични проблеми. Му се јавуваа дури и лектори, специјалисти за јазикот и бараа помош за некои нејасни нешта што се појавуваа во нивната работа. Корубин стручно и компетентно бараше и предлагаше решение во духот на зборообразувачките модели и законитостите на македонскиот јазик.
Во јавната комуникација, долго време беше користен зборот „запослен“ („запослување“). Корубин го осмисли и го предложи терминот „вработен“ („вработување“). Денес никој повеќе и не помислува дека е тоа новосоздаден збор (неологизам). Зборот „клучка“, кој се однесува на патиштата, исто така е јазичен изум на Благоја Корубин. Откако почна изградбата на новите современи автопатишта во Македонија, кои се вкрстуваат, се преплетуваат, започна и долгогодишното талкање по соодветно решение како да се нарекуваат.

Почна да се користи српскиот збор „петља“, некои понекогаш велеа „петелка“, „јазол“. Корубин го предложи зборот „клучка“. Сега овој збор е влезен како норма во нашата комуникација и сосема соодветствува со односната состојба на автопатиштата. Постојат и повеќе други примери на зборови што се плод на творечкиот дух на Благоја Корубин.
Денес јазичната политика и јазичното планирање претставуваат свесна интервенција во динамичниот стандарден јазик. Најсистематично и најобемно дело во оваа област ни остави Благоја Корубин, порачувајќи дека јазичната норма треба да се негува. Оти во нејзиниот развој таа треба да штити од обезличување и од силата на стихијата… Уште од крајот на 60-тите години и во текот на 90-тите години од минатиот век, Корубин пишуваше за македонскиот литературен јазик, за нормата на народниот и на литературниот јазик, за стихијата и свеста во развојот на литературниот јазик, за односот кон литературнојазичната норма (грижата за неа, свесната интервенција во неа, усвојувањето), потоа за чистотата на македонскиот јазик, како да се развива неговиот речник…
Ако тргнеме од заложбите и поуките на Благоја Корубин, зарем може да има дилема за употреба на изрази што се внесени во популарната култура: наместо „вин-вин решение“ да употребуваме „решение од кое добиваат сите“, наместо „Сејф сити“ да го затврдиме „Безбеден град“, наместо имплементација – спроведување, примена, наместо перцепција – гледање, сметање и слични значенско и контекстуално соодветни решенија, наместо наратив да користиме став, мислење, поглед? Дали можеме во духот на ставовите на Корубин инклузијата да ја отстраниме од нашиот речник и да посегнеме кон убавите народни зборови како што е опфаќање, вклучување, припаѓање кон нешто?
Поаѓајќи од заложбата на Корубин во настојувањата да се почитува чистотата на мајчиниот јазик и поврзано со тоа најпрвин да се посега по речникот од народниот јазик, авторот на овој текст изнесува во широката македонска јавност сопствен новосоздаден збор – „влијателник“ – како првичен теоретски предлог за замена на широко користениот збор „инфлуенсер“.
Благоја Корубин (Прилеп, 1 март 1921 – Скопје, 17 февруари 1995) беше македонист, национален деец, првоборец во НОБ, филолог, преведувач, научен советник, истражувач и раководител на Одделението за современ македонски јазик при Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“. Бил долгогодишен претседател на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија (1959-1966) и на Сојузот на друштвата за македонски јазик на Македонија. Автор е на стручни и научни книги, голем број статии, сеќавања.

Свето Тоевски