Судскиот совет тргнува во најширока проверка досега на правораздавателите
- Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, најави дека проверката ќе се прошири на сите апелациски и основни судови во државата, според план и динамика што допрва ќе се утврдуваат. Поради ограничените кадровски и технички ресурси, процесот нема да се одвива истовремено насекаде, туку најпрво ќе почне во најголемите судови – Апелацискиот, Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје
Одлуката на Судскиот совет да започне темелна и континуирана проверка на работата на судиите во целата држава ја отвора најсеопфатната акција за внатрешна контрола во македонското судство досега. Под лупа нема да бидат само поединци, туку целиот судски систем – од апелациските, па до основните судови.
Поводот беше случајот со апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кој е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот поврзан со корупција и трговија со влијание, при што во домот на неговите родители во Неготино беа пронајдени соѕидани 350 илјади евра. Но, како што јасно порачуваат од Судскиот совет, Ристов нема да биде исклучок, туку само почеток.
Проверки во сите судови, но по фази
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, најави дека проверката ќе се прошири на сите апелациски и основни судови во државата, според план и динамика што допрва ќе се утврдуваат. Поради ограничените кадровски и технички ресурси, процесот нема да се одвива истовремено насекаде, туку најпрво ќе почне во најголемите судови – Апелацискиот, Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје.
Во моментов најмалку шест предмети во кои постапувал судијата Ристов се предмет на анализа, по анонимни претставки доставени до Судскиот совет. Комисијата сè уште ги разгледува, а извештајот се очекува до крајот на неделата.
Камбовски: Нема судија без претставка
Клучниот податок што ја отсликува длабочината на проблемот е признанието на самиот Судски совет: речиси нема судија во државата против кого не е поднесена претставка.
– Четиристотини и дваесет судии се, сите се опфатени. Огромен дел од претставките доаѓа од незадоволни странки, кои паралелно со жалбата до повисок суд поднесуваат и претставка до Советот, со речиси идентична содржина – објаснува Камбовски.
Но, иако некои од претставките се резултат на незадоволство од судските одлуки, фактот дека не постои судија без барем една претставка сериозно ја проблематизира состојбата со судските процедури, етиката и квалитетот на судењето.
Благи казни за сериозни пропусти
Податоците од работата на Судскиот совет за 2024 година покажуваат дека и кога ќе се утврдат пропусти, санкциите најчесто се благи. Во текот на годината на само шест судии им биле изречени дисциплински мерки – претежно намалување на платата или јавен укор. Истовремено, од 97 поднесени барања за утврдување одговорност, голем дел биле отфрлени или постапките биле запрени.
Во истиот период само кај еден судија било утврдено престанување на судиската функција, и тоа поради правосилна кривична пресуда.
Случајот со апелацискиот судија Енвер Беџети, кој девет месеци го чувал предметот „Тврдина-таргет“ со цел да застари, останува симбол на институционалниот неуспех. Иако стануваше збор за тешка повреда на судиската обврска, Советот првично реагираше со намалување на платата, а разрешувањето следуваше дури откако Беџети беше ставен на „црната листа“ на САД.
Минимална доверба, максимална потреба од реформи
Во тој контекст, не е изненадување што судството ужива најмала доверба кај граѓаните во споредба со сите други институции. Токму затоа сè погласни се барањата за вклучување на целокупниот државен инструментариум во спроведување длабоки и суштински реформи.
Министерот за правда порача дека предложените мерки мора сериозно да се разгледаат и да се имплементираат доколку целта се мерливи и одржливи резултати. Тоа подразбира пополнување на кадровските празнини, модернизација на инфраструктурата, зајакнување на институционалниот интегритет и, пред сè, ригорозни и независни контроли врз работата на судиите и Судскиот совет.
Под лупа не само поединци, неопходен е системски, интегрален пристап
Иако од Судскиот совет порачуваат дека 99 отсто од судиите се чесни и професионални, токму оној „еден процент“ ја руши довербата во целото судство. Затоа најавените проверки не смеат да се сведат на изолирани случаи и симболични казни.
Доколку сите судии навистина бидат ставени под иста лупа, а контролите бидат транспарентни, независни и доследни, ова може да биде редок момент во кој македонското судство ќе почне да се реформира одвнатре. Во спротивно, ќе остане уште еден обид што ја продлабочува недовербата на граѓаните во правдата. Н.М.
































