Фото: ИЈЗ

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вечерва ги објави резултатите од вонредните анализи спроведени по големиот пожар што избувна во саботата во магацин за отпад во скопското село Трубарево. Според денешните испитувања на земените примероци од вода, не е утврдена радиоактивност. Нема ниту опасни нивоа на тешки метали во почвата.

Како што информира ИЈЗ, се забалежува зголемување на два параметра, Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место – површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии, но тоа е во рамки на очекувањата.

– Институтот за јавно здравје изврши вонредно испитување во засегнатото подрачје и во неделата беа земени примероци, мостри од страна на професионален експертски тим од ИЈЗ за испитување на радиоактивност во вода, почва и воздух како и примероци за испитување на тешки метали во почва, земја и испитување на тешки метали во вода. Во текот на вчерашниот ден, ИЈЗ извести дека според резултатите и направените анализи, во земените примероци не е утврдено присуство на радиоактивност во воздух и почва, исто така не е утврдено присуство на тешки метали во вода. Во текот на денешниот ден, ИЈЗ ги заврши анализите и испитувањата на примероците за испитување на тешки метали во почва како и испитувањата за радиокативност во вода – соопштија од Институтот.

Како што информираат, земени биле мостри од повеќе локации од засегенатото подрачје за испитување на тешки метали во почва.

Дополнителните анализи, завршени денеска, покажале дека нема отстапувања од референтните вредности за вкупно 16 тешки метали (Pb, Cd, As, Ni, Hg Cr, Cu, Zn, Sn, Ba, Be, Co, V, Tl, Mo, Sb).

-Се забалежува зголемување на два параметри Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место, а тоа е површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии и истото е во рамките на очекувањата. Во сите останатите места нема отстапување од референтните вредности за испитаните 16 тешки метали – се наведува во соопштението.

Во текот на денешниот ден, како што посочија од Институтот, се испитала и радиоактивноста во примероците од вода и според добиените резултати, нема радиоактивност на земени примероци од вода.

Од ИЈЗ нагласија дека анализите се направени во најкус можен рок и дека истите ќе бидат повторувани според предвидените протоколи.

– ИЈЗ останува во понатамошна координација со Министерството за здравство и со сите надлежни државни институции и за секоја наредна активност, јавноста ќе биде соодветно информирана – додадоа од ИЈЗ.