Веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) од синоќа е хакирана. Во моментов страната е целосно исклучена и до неа нема пристап. На сајтот на МОН пишува дека е хакирана од грчки хакерски тим „Netwatchers“.
– Mинистерството за образование и наука е во комуникација со Националниот ЦИРТ центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации каде што е пријавен случајот и од каде очекуваме со поддршка на МВР да се преземат конкретни активности за пронаоѓање на локацијата и изворот на нападите. Во меѓувреме ИТ службата на МОН со поддршка од надворешни соработници презема дејствија за зајакнување на безбедноста на веб страницата, по што повторно ќе биде активирана – велат од МОН.
Од Министерството за образование и наука посочуваат дека нема потреба од грижи за наводно преземање на некакви бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб-страната не постојат такви позадински бази и истата има информативен карактер.