Фото: Маја Јаневска-Илиева

За нас се изедначи државата со религијата. Тоа се како два воза што се движат на паралелни пруги. Но замислете што ќе се случи кога едниот воз ќе скршне на другата пруга? Стравотен судир ќе биде неизбежен, предупредува Исмаил Бојда на феноменот на силната врска меѓу државата и црквата. Тој ни открива со какви проблеми се соочени македонските верници кога одат на проповед во џамиите, каде што најчесто тоа се одвива на јазик непознат за нив, но и за пенетрацијата на екстремната религија

ТЕКСТОТ СО КОЈ ЗАПОЧНА СЕРИЈАЛОТ ЗА ФЕНОМЕНОТ НА ФИЛЕТИЗМОТ МОТИВИРАШЕ БУРНИ РЕАКЦИИ ОД МАКЕДОНЦИТЕ СО МУСЛИМАНСКА ВЕРОИСПОВЕД

Темата за филетизмот или етнофилетизмот во Македонија е повеќепати отварана, но никогаш не е затворена. Таа е една опасна сенка што е надвисната над Македонија веќе два века, „теолошки и политички ерес“, како што наведува Менкиноски, кој не е изворен македонски, туку е наметнат. Една од опасностите е што преку тој манипулативен систем се поткопуваат националните и верските чувства, се удира врз општествената хармонија, се врши тивка, а понекогаш и присилна асимилација.
По првото продолжение од серијалот на адвокатот Тони Менкиноски, насловено „Минаретскиот национализам и тивката анексија на душата“, добивме повеќе реакции, особено од Македонците со муслиманска вероисповед. На почеток една забелешка, која е и суштинска – терминот минаретски национализам не би требало да се поврзува со исламот, затоа што минарето и не е дел од сакрален објект, зашто тоа е секако џамијата. Но, со тоа се фрла нова светлина на деривираниот ислам во некои средини каде што минарето стана поважно од џамијата. Како се дојде до тоа тивкиот, субмисивен ислам да се мери во децибели?
Нашите соговорници велат дека токму во тој контекст треба да се гледа и на филетизмот преку кој се инструментализира исламот за ширење националистички идеи, создавајќи поделби и нетрпеливост меѓу другите. Каде го има во Македонија, која со право го истакнува својот модел на соживот, особено меѓу христијаните и муслиманите?
Со таа духовна пенетрација под превезот на „чистиот ислам“, со што веднаш се негира домашниот и традиционален, кој проповеда почитување и хармонија, се соочени Македонците со муслиманска вероисповед. Тие се наоѓаат во своевидна позиција на менгеме – од една страна државата не сака да ги препознае како „чисти Македонци“, а од друга под влијание на верата се подложни на етничка и јазична асимилација. Најчесто тоа се два етникума – албанскиот и турскиот, но проблем е македонскиот јазик што таа религиозна група го говори. Дотолку повеќе токму поради географската разместеност и политиките што со децении се спроведуваат во Македонија, но и во други православни земји, тие буквално го конзервирале македонизмот. Чистотата на македонскиот јазик е фасцинантна, како и обичаите, традициите, фолклорот, свадбите… Ако воопшто бараме некаква разлика, еве нека биде – нас нѐ разликува само сунетот, вели еден соговорник, кој додава дека „според обичаите што сме ги зачувале, ние сме апсолутно Македонци. Ние немаме никакви дилеми со тоа и за тоа! За жал, некој или некои имаат дилеми и тоа им пречи“.

– За нас се изедначи државата со религијата. Тоа се како два воза што се движат на паралелни пруги. Но, замислете што ќе се случи кога едниот воз ќе скршне на другата пруга? Стравотен судир ќе биде неизбежен – предупредува Исмаил Бојда, еден од лидерите на Македонците од Гора на Косово, кој долго време живее и на скопска адреса.
Кога разговаравме телефонски, Бојда беше токму на одмор од скопските горештини во неговиот роден Брод, од другата страна на Шар Планина. Бојда укажува на еден систем што тие го чувствуваат со сета своја жестокост, иако, според Уставот, Македонија е секуларна држава. Тој смета дека е направено изедначување држава-религија, односно Македонската православна црква како државна црква се смета за еден од државните темели и национален идентитет.
– Така е на пример и во Грција или во Србија, тоа е одлика на православните држави. Во Грција ако кажеш дека не си православен, не те сметаат за Грк и веднаш те ставаат во графата – муслиман.
А, како е во Македонија, со какви проблеми тие се соочуваат дома? Бојда зборува отворено и ги објаснува основните проблеми. Тој посочува дека проповедите главно се одвиваат на албански и турски јазик, а неизбежно е и читање на Коранот на арапски јазик.
– Е, сега, замислете што еден , особено млад, муслимански верник Македонец ќе разбере кога ќе отиде во џамија на проповед. Ништо! Ние велиме „влезе како теле, излезе како вол“! Нормално, затоа што верникот ништо не разбрал – истакнува Бојда.
Па, тогаш, која е смислата да се оди во џамија, да се клања, да се добие информација за Бог или нешто друго, прашува тој. Ова, за жал е само еден од проблемите, затоа што токму на јазикот се врши или се обидуваат да вршат асимилација на Македонците. А, такви случаи има многу, особено тоа се гледа за време на пописите. Политичко мешање, па мешање и од надвор, финансирање такви проекти, сето тоа се одвива зад дневната светлина, но во заднина постојат опасни асимилаторски стратегии.
– Сега во џамиите има голема разлика, особено неа ја донесоа луѓето со бради што проповедаат екстремен ислам, екстремна религија. Во џамиите директно те повикуваат да кажеш што мислиш за состојбата во Палестина, те прашуваат што би направил. Што е тоа, ако не притисок – вели Бојда.
На крајот на нашиот разговор, тој посочи на уште еден децениски проблем, а тоа е континуираниот притисок за поделби, на издвојување на Македонците со муслиманска вероисповед како посебна етничка зедница, се бара да се изјаснат како Горанци. Мора да констатираме дека тој проект, ако бил проект, бил успешен затоа што во косовското општество тие се водат токму како таква етничка група – Горанци, кои зборуваат горански јазик.
– Некој перманентно сака да ја раситни македонската нација – подвлекува Бојда.
Што прави македонската држава? Според нивните претставници, евидентно е дека во ниту една македонска влада немало место за една министерска или заменичка фотелја за еден Македонец муслиман. Ниту една. Имало еден пратеник, но не и во извршната власт.
– И кога е така, многу лесно е да се врши асимилација – заклучува тој.
Доколку го прифатиме ова како реалност, како наша стварност, тогаш можеме да констатираме дека филетизмот или минаретскиот национализам е барем засега успешен проект. Ќе има ли некаков одговор на ова? Македонците муслимани го чекаат. Но Бојда на крајот постави и едно можеби незгодно, но суштинско прашање: Македонија имаше претседател Борис Трајковски, тој не беше православен, беше методист. Дали е тој поголем Македонец од мене, кој сум муслиман? Во што е разликата?
Нека остане ова прашање засега неодговорено, а ќе треба да се бараат одговори.


Етоски: Носев македонски камења во Турција

Ердован Еки Етоски е македонски активист во Швајцарија. Познат е по својата широкоградост да помага, да биде активен во хуманитарни акции, да им помага на луѓе во Македонија. За него не постои поделба по национална или религиозна основа. За него постојат луѓе, постои татковина што се вика Македонија и родна грутка – селото Мелница, Велешко.
– Не сакам многу да зборувам за политика, а лично не припаѓам на ниту една партија во Македонија. Но, ќе кажам, за нас како народ, не постои интерес. Ќе ви посочам еден пример. Неодамна ја организиравме традиционалната Мелничка средба, на која повикавме и министри што баш се по потекло од Велес. Не дојдоа. Разбираме дека не можеле, но можеле да испратат некој нивен претставник, за да ни укажат чест. Тоа многу ќе значеше за нас. Но, ете, и в година ќе се собереме, па повторно ќе ги поканиме – вели Етоски.
За тоа колку Македонците со муслиманска вероисповед се врзани за Македонија, тој ни го објасни на негов пример. Во далечната 1968 година, по фамозниот договор меѓу Југославија и Турција, неговите баба и дедо биле иселени од родното село и преселени во Турција. Тој неодамна за првпат се сретнал со нив, кога бил во Турција на сунет кај негов роднина.
– Нема да верувате што ми побараа. Донеси ни само камења. Не треба ништо друго, камења од Македонија. Ви се верува ли! Тие не можат да ја заборават Македонија. А, ако ви кажам дека на прославата повеќе од 80 отсто се свиреа и пееја македонски песни, можеби и нема да верувате, но токму така беше. Ним Македонија им е во срцето – ни изјави Еки Етоски. Х.И.