На првиот отворен ден за средба со граѓаните што се одржа во петокот некои од нив дадоа фантастични идеи. Во саботата имавме работен состанок со тимот бидејќи некои од тие идеи ги претвораме во акциски планови, истакна министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод одбележувањето една година од работата на Владата.
Дел од вкупно 39 граѓани кои биле на средбата по повод отворениот ден на кабинетот, укажале на недоволно пружени здравствени услуги од институциите, а други се интересирале за идното вработување на студенти од Медицинскиот факултет како приватни специјализанти.
Алиу посочи дека објасниле дека здравството мора да се базира врз основа на податоци, а тоа веќе го почнале.
-Неколку специјализанти кои се од различни градови, а не се од Скопје се одбиени по нивно барање да бидат префрлени од друг град во Скопје, а со цел да може и таму да имаме специјализанти и здравство кое ќе им служи на граѓаните… Најчесто спомнати се неколку здравствени институции, во врска со жалби за непрофесионално однесување, игнорирање на пациенти, немање соодветен третман, неисполнување на должностите, одбивање на услуга, доцнење во пружање здравствена услуга и мито – рече Алиу.
Во Министерството, појасни министерот, е креирана канцеларија која се занимава само со овој дел од информациите, а во врска со институциите кои се спомнати, најави дека ќе има состанок со нивните надлежни по што ќе има одговори на жалбите.
-Ако се докаже дека има елементи за понатамошно процесирање, има институции кои ќе ги пријавиме. Во оваа фаза е многу рано да се именуваат клиники или сервиси, бидејќи е прва фаза и не сме сигурни дека доставените информации се точни. Ќе не оставите недела, две додека добиеме информации. Оваа процедура кога ја почнавме креиравме методологија. Најверојатно на секоја прес-конференција ќе имаме одговори за граѓаните и новинарите до каде се пријавите и како ги процесираме – рече Алиу.
Одговарајќи на новинарско прашање за барањата упатени денеска до него од Сојузот на здруженија на дијабетичари, рече дека креирање политики во здравството базирано на историја веќе е поминато. Сите процеси, политики, секоја дефинирана активност и услуга, појасни, ќе бидат базирана на податоци.
-Имав средба со таа група граѓани, и денеска имам средба со дел од експертскиот тим кој работи таму и наскоро ќе излеземе со решенија кои нема да бидат на штета на граѓаните и тие пациенти. Ве уверувам, нема да дозволиме пациентите да имаат третман со нус ефекти. Тоа сакаме да го намалиме на ниско ниво заради тоа што имаме податоци, тие пациенти се наши граѓани имав средба со нив, сите маки ми ги кажаа. Како одговор на тоа колку делуваат сензорите, некои од нив рекоа дека за 15 дена намалувале инсулинска терапија. Што е позитивно за нив. Истото го правиме и за пациенти со ретки болести и за другите групи. Тој е нашиот пристап – да разговараме со секого, да слушаме, позитивните работи, да ги процесираме понатаму, а негативните да ги елиминираме или намалиме – истакна Алиу.
Потенцира дека резултатите и процесот ќе бидат транспарентни, позитивни и во насока на поквалитетно нудење на услугите, но додаде дека засега нема одговор какво ќе биде решението, бидејќи се уште процесот не е затворен.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека два нови објекти во рамки на Клиничката болница во Тетово ќе бидат отворени и наскоро таму ќе почнат нови услуги, а тие што се прекинати повторно ќе отпочнат.