Денеска почнуваат преговорите помеѓу Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и медијаторот кој го назначи Министерството за труд и социјална политика. Преку овие преговори, како што вели Јаким Неделков, по пат на помирување ќе се обидат да најдат решение за барањата на вработените во училиштата и градинките за покачување на платите за 18,4 проценти, нов колективен договор и континуирано зголемување на платите за 2023 и 2024 година.
– Тоа што денеска продолжи наставниот процес не значи дека сме ги прифатиле понудените 12 проценти. Ние не прифативме ништо затоа што така одлучи членството на СОНК и на некој начин повторно се наоѓаме на почеток на преговорите. Со помош на овластен помирувач ќе се обидеме да ги добиеме бараните 18,4 проценти зголемување на платата, нов колективен договор и континуирано зголемување на платите за 2023 и 2024 година – вели Неделков.
Тој нагласува дека рокот за завршување на преговорите е десет дена.
– Во рок од десет дена треба да завршат преговорите. Потоа ќе знаеме што сме постигнале и како ќе дејствуваме понатаму – додаде Неделков.
Тој вели дека наставниците се доволни искусни за да можат пропуштениот наставен материјал да го надоместат без да има потреба да се надополнуваат изгубените часови.
– Не верувам дека ќе има потреба од продолжување на учебната година. Наставниот материјал може квалитетно да се помине во различна форма од претходно предвидената, но сепак тоа нема да биде „претрчување“ на програмата. Секако дека ние нема да се мешаме во одлуката на МОН и на Бирото за развој на образование, но ако не консултираат може да излеземе со предлог на кој начин да се одвива наставата до крајот на учебната година – вели Неделков.
Вчерашниот протест на дел од членството пред просториите на СОНК, Неделков го оцени како обид да се ослабат позициите на синдикатот.
Просветните работници кои вчера се собраа на протест пред седиштето на СОНК, според Неделков, се најверојатно изманипулирани или неинформирани.
– Вакви неидентификувани собирања за кои не знаеме кој е организатор, ниту која е целта, не води кон ништо и веројатно тоа е добар обид за ослабување на позициите на СОНК, разбивање на единството на СОНК, кое на крајот на денот ќе биде желба за секој којшто му пречи СОНК да биде единствениот и најсилен синдикат во државата. Од тука треба да се почне – која е целта на ваквите жестоки реакции – рече Неделков на денешната прес-конференција.
Тој најави дека ваквите собирања нема да го поколебаат да работи според закон и да се залага за правата на работниците.
-Вакво „спонтано“ собирање на два пати и упади во овие просториите пред два дена, во вторникот, не личи на просветни работници. Јас на секому ќе му се извинам ако го навредам, меѓутоа ваквото однесување апсолутно не води кон ништо. На тој начин секој нека биде свесен дека мене нема да ме поколеба да работам согласно закон, да градам партнерски однос и максимално да се залагам за правата на работниците. Во моментов се бориме за нив за дневниците да им ги спасиме и во детските градинки и во образование – рече Неделков.
Тој апелираше да се има чувство и разумност за состојбите и тврди дека поради добрата хиерархиска поставеност на синдикатот, информациите се достапни за сите членови и нивните простории се отворени за секого, како и дека регионалните претседатели на СОНК постојано се со членството. Меѓутоа, вели Неделков, тој како претседател нема намера да биде само англиска кралица или нечија марионета.
-Ние до таму отидовме до демократија, да за секое прашање бараме согласност од членството. Тоа во другите установи ги нема. Дали во Собрание имаме референдумско изјаснување на гласачите за носење на некој закон? Не, ние со нашите гласови сме му дале доверба на пратеникот да гласа во наше име. Јас не знам, веројатно се очекува претседателот на СОНК да биде англиска кралица или само фигура која ќе работи на далечинско или ќе изигрува марионета? Не, благодарам за таква работа. Добро е да се има демократија и сум дефинитивно против анархија. Анархија во нашиот синдикат нема да дозволиме, вакви случувања не личат на просветни работници – изјави Неделков.
Од СОНК упатија апел до членството да не потпаѓа на дезинформации и уверуваат дека одлуката да се стави штрајкот во мирување е согласно закон.
Советот на СОНК вчера донесе одлука да го стави штрајкот во мирување откако до него беше доставено известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот. Неделков најави дека доколку во периодот на мирно решавање на спорот, не се изнајдат соодветни решенија, штрајкот повторно ќе биде активиран.
По објавувањето на одлуката дека штрајкот се става во мирување, дел од членството на СОНК се собра пред седиштето на синдикатот, барајќи од претседателот на СОНК да објасни зошто штрајкот е ставен во мирување.
Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена. Медијатор во спорот, како што вчера објави министерката за труд и социјална политика, е Драгица Исаиловска-Митровска.
– Таа е непристрасна, го знае правото, Законот за работни односи и законите за образование и има компетенции да биде помирувач. Со нејзината улога верувам дека ќе стигнеме до решение. Ќе има преставници на МОН, на СОНК и заедно со медијаторот ќе учевствуваат во преговорите, изјави вчера министерката за труд и социјална политика Јованка-Тренчевска.