Фото: Пиксабеј

Најголемата манифестацијата посветена на италијанската кујна во светот, а промовирана од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија се враќа во Македонија. Оваа година, настаните ќе бидат посветени на темата „Италијанска кујна: здравје, култура и иновации“.

-Оваа манифестација е особено значајна денес, во време кога италијанската кујна го доби првото зелено светло во процесот да биде признаена како нематеријално културно наследство од страна на УНЕСКО, притоа зајакнувајќи ја вредноста на нејзиниот културен идентитет и нејзината неодвоива социјална димензија. Ова десетто издание, организирано од Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со Италијанската трговска агенција ќе понуди висококвалитетна програма со голема културна вредност. Фокусот ќе биде ставен на сицилијанските слатки кои се автентичен симбол на вековните традиции, но и едни од водечките кулинарски брендови „Произведени во Италија“ – информираат од амбасадата.

Покрај тоа, ќе се посвети внимание и на значајната кафе-култура и односот помеѓу гастрономијата и здравјето, теми кои го издвојуваат италијанското кулинарство како искуство кое ги спојува вкусот, здравјето и иновациите. Неделата ќе започне со ексклузивен мастерклас посветен на уметноста на сицилијанското слаткарство, што ќе биде предводен од познатиот слаткар маестро Лило Дефраја.
-Како водечка фигура во индустријата на слатките веќе речиси шеесет години, тој е добитник на престижни институционални награди, вклучувајќи јa и Ѕвездата за посебни заслуги во работата, орден доделен од Претседателот на Италијанската Република, како и неодамнешната награда Honos 2025. Тој е исто така и шестократен меѓународен рекордер – го поставил светсиот рекорд за најдолго каноло и најдолг ролат во светот (21,43 метри и 303,30 метри). Мастеркласот на маестро Дефраја ќе се одржи во среда, 19 ноември, со почеток во 11:00 часот, во хотелот Лимак (6-ти кат, Сала Лимра), а учеството ќе биде бесплатно. Следниот ден, четврток, 20 ноември, Дефраја ќе одржи и работилница за правење слатки наменета за ученици и наставници на Угостителското училиште „Лазар Танев“ во Скопјe – велат од амбасадата.

Во петок, 21 ноември, програмата ќе продолжи со работилница посветена на уметноста за правење на омиленото италијанско еспресо, предводена од експертот Дејан Богоевски.

-Во согласност со централната тема за оваа година, Здружението на наставници по италијански јазик ЗПИРМ ќе организира неколку едукативни активности инспирирани од италијанската гастрономија, кои ќе се одржат во различни училишта низ земјата, промовирајќи ја кујната како културно и јазично наследство. Италијанската амбасада во Скопје ќе се вклучи и во проектот на италијанското Министерство за надворешни работи, реализиран во соработка со ЏалоЅаферано, под насловот „Вкусот на здравјето: Три италијански менија“. Преку 10 видео-рецепти инспирирани од традицијата и преработени согласно пониските калориски потреби, проектот илустрира како свесниот избор на состојки може да го подобри квалитетот на животот и да го трансформира секој оброк во гест на грижа кон самите себе. Видео рецептите се достапни на каналите на социјалните медиуми на Амбасадата на Италија во Скопје. Сите настани од Неделата на италијанската кујна во светот може да се следат на социјалните медиуми преку хаштагот #cucinaitaliana – додаваат од амбасадата.