Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на минатата недела спречи увоз на околу 50 тони небезбедна храна која била наменета за македонскиот пазар.
При контроли на граничниот премин Ќафасан, официјалните ветеринари забраниле влез на 27 тони говедско мелено месо со потекло од Парагвај. Според АХВ, месото потекнувало од објект кој не е одобрен од институцијата, што значи дека не ги исполнува основните стандарди за безбедност и претставува потенцијален ризик за здравјето на потрошувачите.
Дополнително, инспекторите забраниле увоз и на 22 тони ореви од Казахстан поради несоодветно означување и отстапувања од пропишаните критериуми за квалитет и безбедност. Пратката е вратена во земјата на потекло и нема да биде пласирана на домашниот пазар.
Од АХВ најавуваат дека контролите ќе продолжат со засилено темпо, со цел да се спречи внесување на небезбедна храна. Истовремено, апелираат до увозниците строго да ги почитуваат законските регулативи, нагласувајќи дека заштитата на здравјето на граѓаните останува нивен врвен приоритет.



































